За да го преживее месецот четиричлено семејство треба да има над 500 евра

161

На четиричлено семејство за покривање на основните животни трошоци минатиот месец му биле потребни најмалку 531 евро, покажува најновата пресметка на минималната кошничка што ја направи Сојузот на синдикатите на Македонија. Најголем е трошокот за храна, дури 13.574 денари. За да се покријат трошоците за домување се потребни 10.409 денари, за хигиена 2.306 денари, за превоз 2.408 денари, за облека и обувки 2.177 денари, за култура 1.070 денари, а за одржување на здравјето 706 денари.

Или, од вкупните минимални трошоци од 32.710 денари, 23.983, односно 390 евра се само за исхрана и за сметки.

Тоа е речиси колку една просечна плата, која според последните податоци на Државниот завод за статистика во мај изнесувала 25.270 денари или 411 евра.

Се проценува дека плата помала од просечната добиваат околу 60 проценти од вработените, а помалку од 20.000 денари примаат вработените во земјоделството, шумарството, сервисните дејности со храна, објектите за сместување и во административните и помошните дејности.