За „гробарите“, „комитите“ се група со српско име која слави бугарски војник

423

Ракометниот натпревар меѓу српскиот Партизан и македонскиот ракометен шампион Вардар, во рамките на регионалната СЕХА-лига, доби неспортска заднина. Причина за тоа беа провокациите од домашните навивачи – „гробарите.“

Откако на стартот истакнаа грчко знаме покрај својот банер, во текот на второто полувреме навивачите на Партизан испратија порака. Тие директно ги повикаа „комитите“, наведувајќи дека се група со српско име која слави бугарски војник, алудирајќи на Гоце Делчев. На паролата што ја истакнаа „гробарите“ пишуваше „Група со српско име слави бугарски војник, мора да е тешко со таков комплекс во главата!?“ Покрај овие пораки, во телевизискиот пренос се слушаа и извиците: „Јужна Србија, никогаш Македонија“.

На оваа порака не останаа должни ни „комитите“, кои одговорија со транспарентот „Живо ви е кралството колку и другарството“ .

За „гробарите“, ова не е првпат да провоцираат на ракометен натпревар против македонски тим, бидејќи на средбата со Еурофарм Пелистер, пред една година, скандираа: „Јужна Србија, никогаш Македонија“.

Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 го загуби натпреварот од Партизан со 28:22.