За градоначалници и советници ќе се гласа на 17 октомври!

86

Пописот нема да го одложи датумот на локалните избори, кој останува на 17 октомври во согласност со Изборниот законик. Премиерот Зоран Заев изјави дека поклопувањето на пописот со кампањата за изборите нема да промени ништо, а можно е пописот и порано да заврши.

-Датумот според предлогот од работните групи во коишто учествуваат сите политички партии е 17-ти. Односно нема промени на датумот којшто е утврден во самиот Изборен законик и досега. Имаше дилеми заради трите дена поклопување на пописот со кампањата, но на крајот се одлучи дека трите дена не менуваат ништо. Пописот е обична активност, која што финишира преку ден, кампањите се водат навечер. Впрочем пописот секојпат се вршел 20 дена, овој пат се определени 30 дена, може навистина да се заврши и порано и тоа што ќе остане последните три дена, затоа што е дефиниран по законот од 1 до 30 септември, а не е од 5 до 25 како што беше прво проектирано, значи има доволно време така што нема потреба од какви било промени на датумот на изборите, рече Заев.

Во однос на прагот на поднесување на независните листи, договорено е тој да изнесува два отсто од вкупниот број на избирачи.

-Ако има општината 10 илјади избирачи треба 200 потписи за да се поднесе независна листа. Ако има 50 илјади избирачи треба илјада потписи да се поднесе независна листа, вели Заев.

Тој појасни дека преговорите се водеа повеќе од еден месец со учество на сите парламентарни политички партии, при што договорени се и денот за датумот на изборите, модалитетите за отворени или затворени листи, како и за сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, меѓу кои и препораката за унифицирање на прагот на неопходни потписи за поднесување на листите.

-Апсолутно не се работи за некој договор меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, тука беа и Алијанса, тука беа и Левица, ги гледам коментарите, беа сите кои учествуваа на самиот предлог-закон, на крајот законот се носи во Собранието и секако таму може да се отвори дебатата што е соодветна. Дефинитивно јас мислам дека таа препорака на ОБСЕ/ОДИХР за да се унифицира прагот на собирање на потписи на сите во процентуален износ е вградена и треба да ги почитуваме препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а за точниот процент тие се аргументите кои ги соопштија пред мене, вели Заев.

Заев најави дека планираат некаков вид коалиција со сите коалициски партнери, но заради спецификата на локалните избори, во вториот круг.

-Ќе има општини каде што СДСМ, ДУИ, БЕСА, ДПА, не знам помалите партии – турските партии, ЛДП и слично ќе  имаат свој кандидат и тоа значи во првиот круг немате коалиција. Во вториот круг кога граѓаните ќе одлучат кому ќе му дадат шанса да влезе во вториот круг, тогаш е логично коалициските партнери на централно ниво да се поддржиме меѓу себе. Така што логично е дека двајца кандидати влегуваат во вториот круг и секако ќе си ја дадеме поддршката едни на други, рече премиерот Зоран Заев.

Спикерот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека на 30 јули, односно пред летниот одмор на пратениците, ќе организира брифинг со новинари на кој ќе го соопшти ставот за локалните избори.