За годинава Кумановскиот музеј најави 23 проекти

134

Кумановскиот музеј за годинава најави 23 проекти, кои се поддржани и одобрени од Министерството за култура.

Годинава ќе се осовременува историското одделение од музејската поставка, ќе продолжи откупот на етнолошки материјал, ќе биде подготвен документарен филм за бракови меѓу старите ергени од Козјачијата со невести од Албанија, а публиката ќе ги проследи етнолошките изложби “Творештво на зографите од 19 и почетокот на 20 век“, “Килими од Кумановско“, “Занаетчиството некогаш и денес“.

Предвидени се работилници и истражувања за дервишите, црквите, едукација за народното творештво за средношколците, “Сподели богатство“ наменети за децата и час по нумизматика, а ќе биде издадено и списанието “Музејски водич за деца“.

Археолозите ќе ги истражуваат локалитетите Црквиште во Клечовце и Градиште во Младо Нагоричане и ќе го реализираат проектот средновековната патна мрежа во Кумановско.

Годинава, Кумановскиот музеј прославува 55 години постоење, а обновувањето на музејската поставка на Спомен-куќата на народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош ќе се спроведува со 150.000 денари.

Во галеријата ќе бидат презентирани седум изложби, а ќе се одржи и “Ликовната колонија Куманово 2019“ во Пелинце.