За глас повеќе и функционерите тргнаа од врата на врата 

110

Тимови во општинските организации на СДСМ, партиски функционери и членови излегуваат на терен. Ќе тргнат од „врата на врата да го посетат секој дом, секое семејство за да ги слушнат нивните потреби и барања, да разговараат за сработеното, најави на прес-конференција организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Попов.

-Започнуваме со нова фаза на интензивни теренски активности, СДСМ оди од врата до врата, пред домовите на нашите сограѓани. Заеднички, со граѓаните ја креираме најдобрата програмската понуда на СДСМ за локалните избори. Понуда за граѓаните, која ќе го унапреди квалитетот на живот во секое населено место, во секоја општина. Предлозите, коментарите и барањата, кои ги добиваме на маалските и урбани средби, на граѓанските трибини, на средбите со целни групи, веќе ги систематизираме и анализираме. На ист начин ќе постапиме и со предлозите кои ќе стигнат преку проектот од врата до врата, рече Попов.

Политичките партии го минуваат летото подготвувајќи се за локалните избори најавени за втората половина на октомври. Неофицијално кампањата е веќе почната, делумно се знаат и кандидатите за градоначалници, додека за советничките листи е сè уште рано. Партиските штабови, прават анализи и калкулации за коалиции и поддршка на личности кои би можеле да им донесат повеќе гласови. Една од најголемите општини е Тетово каде што во моментов градоначалничката е од редовите на ДУИ, Теута Арифи. Се очекува, албанската владејачка партија да ја кандидира Арифи за уште еден мандат но, Движењето Беса, најверојатно ќе истрча со Биљал Касами како свој кандидат во Тетово. Со оглед на тоа дека веќе се почнати партиските пресметки, кој со кого ќе оди на изборите, или кој на кого ќе му даде поддршка, се поставува прашањето за кого СДСМ ќе ги бара гласовите од своите симпатизери во Тетово, со оглед дека во владата партнер им е и ДУИ, но и Беса.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев за ТВ21, вели дека до крајот на месецот ќе бидат готови коалициските договори.  Сепак додава, дека поддршка ќе добие таа партија со која имаат коалиција, не прецизирајќи дали е тоа Беса или ДУИ.

-Сè уште е рано да се да се даваат такви одговори на такви претпоставки. Мојот одговор на ова прашање може само проблем да предизвика во коалицијата. Од кај нас повеќето мислат дека СДСМ ќе влезе во вториот круг со кандидатот од Алијанса. Рано е вака теоретски да се зборува“, додаде Зоран Заев. А, пак од Беса велат дека не гледаат ништо комплексно доколку гласачите на СДСМ гласаат за нивниот кандидат. Кандидат за градоначалник објави за Тетово објави и ДПА. Во трка влегува Сади Беџети, кој пред неколку години беше градоначалник. Сè уште не се знае кој ќе биде кандидатот на коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива, но се шпекулира со името на доктор Илир Демири.

Повеќе недели медиумите и социјалните мрежи се преплавени со информации поврзани со локалните избори, а последните две недели, како привршуваа првите анализи за рејтинзите на кандидатите на партиите, така кампањата се интензивираше. Партиите веќе соопштија дел од кандидатите. Лидерите на партиите, особено во македонскиот блок партии, се тие кои ги предводат овие кампањи.

Владејачката СДСМ, како што најави, веќе соопшти имиња на повеќе од дваесетина кандидати за градоначалници. Петре Шилегов за Скопје, Константин Георгиевски за Охрид, Филип Темелковски за Кисела Вода… ВМРО-ДПМНЕ ја започна кампањата „Македонија за сите луѓе“ во рамки на која ќе се одржат трибини посветени на повеќе области. Целта е партијата да промовира политики, мерки и вредности. Но, и ВМРО-ДПМНЕ започна со објавување на дел од своите кандидати. Кирил Пецаков ќе му биде противкандидат на Георгиевски од СДСМ во Охрид, за прв човек на Прилеп ќе се бори Борче Јовчевски…

ДОМ и ЛДП во пресрет на локалните избори се здружија во граѓанско движење во центарот кое заеднички ќе настапи на локалните избори. Тие сметаат дека ќе бидат алтернатива на македонската политичка сцена. Нивната порака е „Излези од маглата. Приклучи се. Направи промена“. И покрај најавите, Демократскиот сојуз не стана дел од ова граѓанско движење.

И во ДУИ ситуацијата не е поинаква. Се знаат дел од потенцијалните кандидати за градоначалници. Освен за Тетово се споменува Еркан Арифи за Липково … Партијата веќе ја промовираше својата кампања поврзана со зелената агенда. Се најавува дека на крајот на месецот лидерите на ДУИ и на СДСМ, владини коалициски партнери, ќе се сретнат и ќе разговараат за коалицирање и на локално ниво.

Во Беса, исто така, од порано е познато дека нејзиниот лидер Билал Касами ќе се кандидира во Тетово, додека за градоначалник на Гостивар, пратеникот и потпретседател на Собранието од оваа партија Фадил Зендели.

Кандидатите за локалните избори во коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, како што најавија од партијата, ќе бидат објавени на 15 август. Од Коалицијата најавија дека  ќе соработуваат со која било партија, вклучително и со ВМРО-ДПМНЕ, со СДСМ и со ромски или со турски партии.

Во однос на листите на советници, во Охрид веќе беше промовирана една независна листа за советници, а деновиве и екологистите најавија дека ќе имаат своја листа на изборите.

Локалните избори во Северна Македонија треба да се одржат во втората половина на октомври. Како датум во јавноста најмногу се споменува 17 октомври, но во тој случај последните денови од кампањата ќе се поклопуваат со пописот на населението што треба да заврши на 30 септември. Се очекува претседателот на Собранието, Талат Џафери да ги распише изборите на крајот на јули или на почетокот на август.