Американската инвестициска банка ЈП Морган покрена иницијатива во Чикаго, за вработување на лица со криминално минато во настојувањето да им даде шанса и на поранешните престапници.

Најголемата американска банка по обем на депозитите здружено со неколку невладини организации од Чикаго почнаа обука и регрутирање на кандидати кои веројатно никогаш не ни сонувале дека ќе работат во банкарство, поради нивното криминално досие, пишува Чикаго Трибјун.

Оваа иницијатива, која може да се прошири и во други градови, е дел од напорите на ЈП Морган да се справи со високата стапка на невработеност кај лицата со криминално досие.

Компании од други сектори, како што е здравствениот сектор, исто така ги отворија вратите за екс-осудените лица, кај кои стапката на невработеност изнесува 27 отсто.