За Велигден на бања во Србија или на прошетка покрај Охридско Езеро

Туристичките агенции излегоа со понуди за претстојните велигденски и првомајски празници. Велат дека има голем интерес за патување, но рестрикциите кои секојдневно ги воведуваат земјите, влез со негативен ПЦР тест, полициски час, забрана за работење на угостителските објекти ги принудуваат клиентите да ги откажуваат своите резервации. Најголем интерес има за бањите во Србија и за Албанија каде не е потребен ПЦР тест. И во Охрид голем дел од капацитетите се веќе резервирани од туристи од регионот, но истите се несигурни и можат во секој момент да бидат откажани

720

И покрај неизвесноста на ситуацијата со ковид-19 туристичките агенции веќе ги објавија понудите за претстојните велигденски и првомајски празници. Доколку нема карантин или дополнителни рестриктивни мерки граѓаните за празниците можат да посетат некоја од бањите во соседна Србија или да прошетаат покрај Охридско Езеро. Во Србија за две ноќевања со појадок, ручек, вечера, превоз како и вклучено користење на спа и велнес центрите во некоја од бањите ќе платите од 129 евра па нагоре. За оние пак кои одлучиле да отпатуваат малку подалеку тука е Албанија за каде не е потребен ПЦР тест, а цените се од 25 евра па нагоре за две ноќевања со појадок. Додека пак цените на aпартманите во Охрид се движат од 1.000 денари па нагоре.
– За велигденските и првомајските празници сите апартмани ни се издадени, но ако има карантин истите може да пропаднат. Постои голема неизвесност поради ситуацијата со ковид-19. Ние сме подготвени, но не знаеме дали гостите ќе ни дојдат. Веќе имаме резервации, а најмногубројни се гостите од регионот, но најмногу од Србија, но не се сигурни и можат да бидат откажани ако се воведe карантин или дополнителни рестриктивни мерки. Цените на апартманите се движат од 1.000 денари па нагоре, вели за ВЕЧЕР Бошко Дамоски, сопственик на вила „Антигона„ во Охрид.
Дамоски вели дека државата треба да им обезбеди предност во вакцинацијата на туристичките работници за да не им трпи бизнисот и туристите кои сакаат да дојдат да бидат посигурни.
Хотелите во Охрид кои подолго време се празни очекуваат дека за претстојните велигденски и првомајски празници ќе имаат гости. Од ХОТАМ информираат дека хотелите работат согласно протоколите за заштита од ковид-19 и дека работно време на рестораните е до 21 часот. И оттаму апелираат за приоритетна вакцинација на угостителите и на вработените во хотелите за им се прикаже на гостите дека доаѓаат во заштитена зона.
И од туристичките агенции кои ги контактиравме велат дека има интерес за патување за претстојните велигденски и првомајски празници, но рестрикциите кои секојдневно ги воведуваат земјите, влез со негативен ПЦР тест, полициски час, забрана за работење на угостителските објекти ја отежнуваат нашата работа и ги принудуваат клиентите да ги откажуваат своите резервации.
– Понудите за Велигден веќе се објавени и имаме голема понуда за земјите во соседството како и понуди кои традиционално секоја година ги реализираме за велигденските празници. Земјите во кои не е потребен ПЦР тест за влез секако се најбарани. Во нашата понуда имаме повеќе од 50 хотели во Албанија, Валона, Дерми, Саранда, Ксамил, Драч, Химаре…. каде граѓаните можат да ги поминат празниците, со цени од 25 евра за 2 ноќевања со појадок. Понудата за Ксамил е со вклучен превоз и за три ноќевања во оваа туристичко место ќе платите 59 евра. Србија е земја која е дел од сите екскурзии и празнични понуди кои ги имаме, а најпривлечни за граѓаните се бањите. Така и за претстојните велигденски празници може да ги посетите Пролом Бања, Луковска Бања, а цените се движат од 129 евра за 2 ноќевања со појадок, ручек, вечера, превоз, како и вклучено користење на спа и велнес центрите. Во нашата понуда за велигденските и првомајските празници ги имаме и Истанбул, Кападокија и Кумбургаз, дестинации кои веќе им се познати на клиентите, велат за ВЕЧЕР од туристичката агенција „ЈК Травел„.
Туристичките работници се оптимисти и веруваат дека туризмот полека ќе почне да се враќа во нормала, а патувањата повторно ќе бидат дел од нашето секојдневие.

(А.С.)