За брзо возење во Австрија ќе ги одземаат автомобилите

54

Австриските власти подготвуваат закон според кој полицијата ќе може покрај возачката дозвола да им го одземе и автомобилот на возачите кои значително ја надминале дозволената брзина.

Во предлог-законот се наведува дека на возачите кои за 60 километри на час ќе ја надминат дозволената брзина во населено или за 70 км/ч надвор од населено место, автомобилот на лице место ќе им биде одземен на две седмици.

Во тој период ќе биде проверувано дали се работи за возач што веќе бил казнуван за пребрзо возење. Доколку се покаже дека возачот веќе направил драстично прекршување на брзината, автомобилот би можел да биде продаден на наддавање.

За надминување на брзината за 80 километри на час во населено место или за 90 километри на час на отворен пат, автомобилот веднаш би бил конфискуван и ставен на аукција. Како пример, тоа би било случај кога на автопатиштата низ Австрија каде максималната брзина е ограничена на 130 километри на час, возач биде затекнат како вози со брзина од 220 километри на час.