Заштита на културно наследство: ИКОМОС – Македонија одбележува 25 години постоење

260

По повод 25-годишниот јубилеј на Националниот комитет на меѓународниот совет за споменици и локалитети ИКОМОС – Македонија, во државата ќе се одржуваат симпозиуми и предавања во сферата на конзервацијата.

Ќе се повикуваат и надворешни гости кои се исклучително познати за да прикажат некои нови моменти и сознанија од сферата на конзервацијата. Ова го најави претседателката на Собранието на Националниот комитет ИКОМОС – Македонија Скопје, Ирена Колиштркоска Настева, по повод јубилејот.

“Македонија е пребогата со верски објекти, цркви, џамии, со постари објекти што вредат да се споменат, како археолошки наоѓалишта и секогаш на тие објекти им даваме значење. Во случајов, тоа ќе го продолжиме во наредната година, но секогаш ќе нагласуваме дека постоиме 25 години за понатамошна плодна работа и соработка со наши организации, а имаме и донаторски организации што имаат слух за културното наследство“, рече Колиштркоска Настева. ИКОМОС е светска организација за заштита на културното наследство, а нашата ИКОМОС Македонија е формирана пред 25 години и зад себе има резултати од меѓународната соработка и презентација пред домашната јавност.