Заштитата на Охридскиот регион под знак прашалник: Рамиз Мерко наместо регистар на дивоградби, доставил барања за легализација!

162

Граѓаните револтирани од индиферентниот однос на државните институции, посочуваат дека на терен и понатаму никнуваат нови објекти во крајбрежното подрачје кое е под заштита на УНЕСКО и покрај прогласениот мораториум. Деновиве до јавноста и надлежните писмо упатија од Граѓанската иницијатива Охрид SOS, од каде обвинуваат дека нема соодветни стратешки документи кои ќе го заштитат Охридскиот регион од дивоградби и деградација. Рокот пак од УНЕСКО за решавање на постоечките проблеми е до февруари 2020, по што постои опасност Охрид да го загуби статусот на заштитено светско наследство 

Уривањето на дивоградбите во Охрид заглави во правниот лавиринт, а во Струга сè уште нема изработено регистар според кој точно би бил познат нивниот број, иако рокот беше до крајот на октомври.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко деновиве до Министерството за транспорт и врски наместо регистар на дивоградби, кој му бил од Владата побаран уште пред шест месеци, доставил регистар со барања за легализација?! Според граѓаните на Струга ова апсурдно барање револтира дотолку повеќе што во заштитената зона е и халата покрај самиот брег, се бетонира автокамп во селото Калишта, а со истечена концесија работат угостителски објекти…

И охриѓани, револтирани од индиферентниот однос на државните институции, посочуваат дека на терен и понатаму никнуваат нови објекти во крајбрежното подрачје кое е под заштита на УНЕСКО и покрај прогласениот мораториум. Деновиве до јавноста писмо упатија и од Граѓанската иницијатива Охрид SOS, од каде обвинуваат дека државните институции немаат соодветни стратешки документи кои ќе го заштитат Охридскиот регион од дивоградби и деградација.

Според нив Планот за управување со природното и културното наследство 2019-2028 и Нацрт-извештајот за стратегиска оценка на животната средина не можат да одговорат на поставената задача. Тие се повикаа на проценките што ги има дадено Центарот за светско наследство, ИУЦН и ИКОМОС. Своите забелешки тие ги упатија и до Министерствата за животна средина и култура како директно надлежни за состојбите во Охридскиот регион чие место на листата на УНЕСКО е сериозно нарушено поради бројните дивоградби во крајбрежното подрачје. Рокот пак, кој беше даден од страна на УНЕСКО да се решат сите аномалии истекува во февруари 2020…

“Посочените документи не гарантираат воспоставување одржливо управување со Охридскиот регион, контрола на урбанизацијата, запирање на вртоглавиот процес на деградација, унапредување на природните квалитети и трајна заштита на светското наследство во иднина, сето тоа десет години откако тие заложби беа зацртани со Законот за управување со регионoт. Планот и Стратегиската оцена кон Планот се изработени крајно површно и непрофесионално и како такви не може да гарантираат трајна заштита на Охридскиот УНЕСКО Регион“, посочуваат од Охрид SOS.

Нивните забелешки се и во однос на „консултациите со јавноста“, поточно со засегнатите. Средбите со граѓаните тие ги нарекоа  “евтини театарски претстави скапо платени со народни пари“.

“Исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион како еден од само 39 локалитети на мешано (природно и културно) светско наследство на планетата, заслужува да биде препознаена и заштитена со План за управување изработен според светски стандарди“, додаваат од „Охрид ЅОЅ“ кои од надлежните бараат да се повлечат непрофесионално изработените документи и да се започне процедурата за нивно конципирање од почеток.

“На проблемот треба да му пристапи со сета негова сериозност, што значи професионално да се изработи Планот и СОЖС, со експерти од највисок калибар, со помош од ИУЦН и ИКОМОС, и со „широка консултација со засегнати страни“ во вистинска смисла на зборот. Државата го сака престижот на титулата „Светско наследство на УНЕСКО“ и следствено е обврзана да испорача План за управување од највисок квалитет, соодветен за Охридскиот регион“, стои меѓу другото во дописот кој „Охрид ЅОЅ“ го упати до јавноста.

Иако до Министерството за култура упативме прашање за нивен коментар во однос на посочените забелешки, оттаму топката ја префрлија на Владата како “Центар од каде се даваат сите известувања за Охридскиот регион и каде дејствуваат работните групи за изработка на овие документи, но и претседател на Националната комисија за УНЕСКО“. Сепак, до затворањето на весникот одговор не добивме. Останува тие да го соопштат нивното мислење и реакција на обвинувањата како и наредните чекори кои се преземаат во однос на Охридскиот регион.