Заштедите на Косовците во банките изнесуваат 4,75 милијарди евра, кредитите 3,93 милијарди

41

Граѓаните на Косово, и покрај тоа што се погодени од пандемијата и порастот на цените во сите сектори, се покажаа како мошне штедливи, така што нивните заштеди во банките, според податоците од почетокот на март годинава, достигнаа рекордни 4,75 милијарди евра, објави агенцијата КосоваПрес.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, според официјалните статистики во Косово, и комерцијалните банки во 2021 година забележале рекордна добивка од над 100 милиони евра.

Гувернерот на Централната банка на Косово (ЦБК), Фехми Мехмети вели дека само во текот на 2021 година се дадени нови кредити во вредност од 1,8 милијарди евра, што, според него, говори за поддршката што на косовското стопанство му го дава банкарскиот сектот.

Според ЦБК, вкупната вредност на кредитите подигнати од банките до март годинава достигнала 3,93 милијарди евра.

– Наш приоритет  останува банките да продолжат да го задржуваат високиот степен на опстојност, затоа кредитниот ризик останува во фокусот на ЦБК и во текот на 2022 година, со посебно концентрирање на проценката на практиките на менаџирање на кредитниот ризик, изјави Мехмети за КосоваПрес.