Затвор за таткото кој ја продаде ќерка си за 6000 евра и од животот и направи пекол!

Приказната за малата робинка, која ја потресе и македонската и словенечката јавност, во април 2014 година ја објави весникот ВЕЧЕР. Надлежните во мариборската полиција открија грозоморни детали од животот на малолетничката од Струмица која во 2013 година татко и ја присилил на брак и ја продал за 6.000 евра на маж во Словенија. На правдата и беа потребни седум години, тој е осуден на 7 години затвор, објави нашето Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

255

Седум години затвор доби таткото кој пред седум години за 6.000 евра ја продал својата малолетна ќерка како робинка на семејство во Словенија. Од македонското јавно обвинителство информираа дека обвинетиот Т.Д. е прогласен за виновен за кривичното дело – Трговија со дете.

– Во 2013 година Т.Д. ја присилил на брак својата тогаш 17-годишна ќерка и ја продал за 6.000 евра. Оштетената малолетничка таму од страна на новото семејството била третирана како предмет на купување, за што надлежниот суд во Марибор во декември 2015 година ги осудил сопругот и неговите родители и им изрекол ефективни затворски казни, соопшти Јавното обвинителство.

За случајот словенечкиот јавен обвинител го извести македонското Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
-Надлежен јавен обвинител веднаш започна истрага за кривично-правниот настан против таткото на оштетената. Преку меѓународна правна помош за случајот беа обезбедени докази и разменети информации со словенечките колеги. Во текот на истрагата се утврди дека родителите на момчето го договориле бракот и таткото на малолетничката дал согласност невестата да ја даде за пари на човек што првпат го гледа, а кога малолетничката се спротивставила обвинетиот физички ја нападнал и ја присилил на брак, велат од обвинителството.

Приказната за малата робинка, која ја потресе и македонската и словенечката јавност, во април 2014 година ја објави и весникот ВЕЧЕР. Тогаш стапивме во контакт и со надлежните во мариборската полиција кои открија грозоморни детали за животот на девојчето.

Како што објавивме, се започнало во април 2013 година кога словенечко семејство ја купило девојката од Струмица, наводно за да ја омажат за синот. Но, наместо подобар живот илјадници километри од дома, таа десет месеци била чувана во домашен притвор. Трпела физички и психички терор сè до јануари следната година кога самата се охрабрила и успеала да избега. Младата девојка, државјанка на РМ, речиси три месеци била сместена во кризен центар во Љубљана, а потоа била префрлена во Центарот за борба против трговија на луѓе.

Портпаролот на мариборската полиција за читателите на весникот ВЕЧЕР откри детали од пријавата на малата робинка во која самата го опишува хоророт низ кој поминувала.

Според исказите на девојчето, во април 2013 година, таткото, мајката и младоженецот дошле во Македонија каде што се договориле со татко ѝ да ја земат за невеста, за што ќе платат шест илјади евра. Младите се венчале во Македонија, а на малолетната невеста ѝ бил ветен убав живот и почитување во Словенија. Но, наместо тоа, веднаш по пристигнувањето во Марибор нејзиниот живот се претворил во пекол. Сопругот, свекорот и свекрвата ѝ го одзеле пасошот и не ѝ давале да излезе од станот, да контактира со други луѓе, па дури ѝ ги забраниле телефонските контакти со нејзините роднини во Македонија. И не само тоа, свекорот и свекрвата постојано ја следеле, ја заплашувале и ја злоупотребувале. Ако не ги исполнела наредбите како што очекувале, ја претепувале.

– Оштетената морала да ги врши сите домашни работи во семејството кое броело седум члена, можела да јаде само колку ќе ѝ даделе, ограничено ѝ било спиењето, немала греење и не добивала медицинска нега кога ќе се разболела. Без плата под нивен надзор, таа исто така морала да работи на поле, а честопати и да врши тешка физичка работа на градилишта и на лозја, берела грозје. На крајот од јануари, девојката успеала да избега и побарала помош во полициската станица. Потоа била засолнета во Кризен центар. Осомничените добија кривични пријави, но не се во притвор, изјави во април 2014 година за весникот ВЕЧЕР тогашниот портпарол на полицијата во Марибор, Миран Шадл. Тој тогаш додаде дека при полицискиот претрес на станот на осомниченото семејство биле пронајдени и запленети повеќе предмети, меѓу кои пасошот на младата девојка како и шверцувани цигари во вредност од околу 7000 евра. Осомничените, изјави тој, добиле кривична пријава за трговија со луѓе и според словенечките закони им се заканува затворска казна од три до петнаесет години.
Ова не е единствен случај за продажба на малолетни деца кој е особено карактеристичен за ромски семејства, но е редок поради тоа што доби судска разврска. (Е.А.)