Затворени избирачките места во вториот круг од претседателските избори во Турција

51

Гласачките места во Турција се затворени денеска во 17 часот по локално време (16:00 часот по средноевропско време), со што заврши гласањето за вториот круг од претседателските избори во оваа земја, јавува Анадолија.

Како што најави Врховната изборна комисија на Турција, гласачите кои се на гласачките места кога ќе се затворат ќе можат да ги остварат своите граѓански права.

Повеќе од 64 милиони граѓани на Турција со право на глас во вториот круг избраа меѓу актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган и кандидатот на опозициската коалиција Кемал Киличдароглу.

Пред две недели се одржаа парламентарните и првиот круг од претседателските избори во Турција.  Народната алијанса на Ердоган освои мнозинство во Парламентот, додека за претседателската трка се одржува втор круг бидејќи ниту еден кандидат не доби просто мнозинство, односно повеќе од 50 отсто од гласовите. Ердоган водеше во првиот круг со освоени 49,52 отсто од гласовите.

Гласањето за турската дијаспора заврши и во Анкара веќе пристигнаа околу 1,89 милиони гласови од странство, кои ќе бидат преброени по завршувањето на изборниот ден.

Врховната изборна комисија на Турција денеска соопшти дека резултатите од вториот круг веројатно ќе бидат познати порано отколку во првиот круг.