Затворањето на погонот за конфекција не е крај за „Тетекс“

Таквата деловна одлука е донесена во насока на одржување, односно зголемување на рентабилноста на компанијата, што претставува дел од добро корпоративно управување и заштита на интересите на акционерите на компанијата, се вели во ценовно чувствителната информација

250

Запирањето на производството на тешка конфекција не е и крај на „Тетекс“, објави компанијата преку Македонската берза.

– Ве известуваме дека запирањето со производството на тешката конфекција не значи запирање на деловните активности на компанијата, односно не значи нејзино затворање. Напротив, таквата деловна одлука е донесена во насока на одржување, односно зголемување на рентабилноста на компанијата, што претставува дел од добро корпоративно управување и заштита на интересите на акционерите на компанијата, се вели во ценовно чувствителната информација објавена од акционерското друштво на веб-страницата на Берзата.

Од тетовски „Тетекс“, компанија со историја долга 69 години, појаснуваат дека затворената деловна единица, која патем речено беше и последниот останат производствен погон во овој текстилен гигант, во континуитет работела нерентабилно, односно со загуби, кои се покривале од добивките на рентабилните деловни единици од групацијата на „Тетекс“ АД Тетово.

-Врз основа на напред наведеното, органот на управување на Друштвото, согласно своите овластувања дадени со Законот за трговски друштва и Статутот, а со цел ресурсите на компанијата да се стават на располагање на рентабилните деловни единици и да се максимизира нивниот учинок, ја донесе предметната одлука, стои во известувањето.

ВЕЧЕР пишуваше дека во понеделникот е затворен погонот за тешка конфекција, а 150-те вработени се пријавени во Агенцијата за вработување како технолошки вишок. Тие од компанијата добиле испратнина од околу 2.500 евра во просек, а преку Агенцијата за вработување ќе земаат надомест во период од една до една ипол година, во зависност од стажот. Сега во комбинатот се останати 60-ина вработени кои имаат задача да го одржуваат неговиот имот.

Во меѓувреме, изработен е план за реорганизација во кој има и клаузула дека поранешните вработени ќе имаат предност за вработување­ при ревитализацијата на компанијата. Се очекува околу 1.200-те акционери на АД „Тетекс“, од кои најголем поединечен е директорот Глигорие Гоговски, планот за реорганизација да го разгледуваат следниот месец на Собрание на акционери.

Веднаш по објавувањето на информацијата за затворање на погонот за тешка конфекција цената на акциите на оваа компанија падна за 10 проценти. Десетина дена пред ова своите акции ги продаде независниот член на одборот на директори,  Тито Беличанец, па сега Комисијата за хартии од вредност проверува дали тој имал инсајдерски информации.

Но, последниве денови акциите на „Тетекс“ се во пораст и вчера, кога беа меѓу десетте најтргувани нивната вредност се зголеми за близу седум проценти.

Според податоците од Берзата за три години, во периодот од 2016 до 2018 година добивката по оданочување на тетовскиот волнарски комбинат е намалена од 85,6 милиони на 38,4 милиони денари. Истовремено, пазарната капитализација му е зголемена за околу два ипол пати, од 387 милиони на над 950 милиони денари.

(С.В.)