Засадени 1.500 садници кај градската депонија

118

Вработените во општинската администрација, во јавните претпријатија и институции, членовите на Советот и граѓани од Кочани денеска се вклучија во акцијата за пошумување на околината кај градската депонија.

Пошумувањето се реализираше во рамки на активностите на општина Кочани за обновување на шумскиот фонд и за намалување на аерозагадувањето, при што поддршка дадоа и ЈП „Национални шуми“ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

– Засадени се 1.500 млади стебла од бор, а акцијата ќе продолжи и во наредниот период во зависност од временските услови, со цел овие голини околу Кочани што останаа по катастрофалните шумски пожари, повторно да ги зазелениме и облагородиме. Тоа е само една од мерките за намалување на загаденоста на воздухот, заедно со субвенциите за граѓаните за набавка на инвертер клима уреди и печки на пелети- изјави градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски најави финансиска поддршка од државата за активностите за пошумување, за што е направено и соодветно законско прилагодување.

– Со последните промени што беа направени во Законот за земјоделство и рурален развој му се овозможува на јавното претпријатие „Национални шуми“ да биде еден од корисниците на мерките за рурален развој. Целта е на подрачјата што биле опожарени или на кои е потребно подигање нови шумски насади да бидат планирани во континуитет и преку целогодишна програма да се исполнуваат зацртаните планови за пошумување. Ние ќе ги следиме активностите, односно преку Програмата за рурален развој ќе обезбедиме финансиска поддршка за „Национални шуми“- изјави Димковски.

Во околината на градската депонија на Кочани и во близина на селата Бели и Лешки во текот на летниот период од пожари беа оштетени над 150 хектари зимзелена и друг вид шума.