Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, изјави денеска дека Европа не е во позиција да го критикува Техеран за воените капацитети и ги повика европските лидери да ги нормализираат економските врски со Исламската Република, без оглед на санкциите на САД.

-Европејците и другите потписнички на нуклеарниот договор треба да ги нормализираат економските врски со Иран … Ние ќе ги прекинеме нашите обврски или ќе преземеме мерки во согласност со нивните, рече Зариф.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата година ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран и повторно воведе санкциите кон Техеран. Франција, Велика Британија и Германија ја бранат нуклеарната спогодба за која веруваат дека ја ограничува иранската нуклеарна програма и може да биде основа за идните разговори.

Иран тврди дека нејзините нуклеарни активности се за мирни цели и одбива да разговара за својата ракетна програма.