Создавање на просперитетни економии, преку поголема употреба на дигиталните алатки и стратешко лидерство е главна тема на годинешното дводневно издание на Самитот Македонија 2025 кој започнува утре на 26 април 2023. Посебен акцент ќе биде ставен на дигиталната трансформација, зајакнувањето на претприемачките капацитети, иновациите во функција на поголема конкурентност и холистичкиот пристап преку примена на ЕСГ стандардите („Environment, Society, Governance).

На овој престижен регионален настан, кој претставува платформа за споделување знаење, поврзување и поттикнување промени во регионот, своите искуства и знаења со публиката ќе ги споделат околу 40 говорници, врвни експерти во својата област. Покрај темите за дигитализација и трансформација во насока на креирање на просперитетни општества, на Самитот ќе се разговара за регионални и глобални теми меѓу кои и една од најактуелните во моментов -употребата и потенцијалите на вештачката интелигенција. 

Дел од говорниците на самитот ќе бидат: Димитар Ковачевски, претседател на Владата на Република С. Македонија, Роберт Доар, претседател на Американскиот институт за претпријатија, Кетеван Бочоришвили, поранешен заменик министер за економија и одржлив развој на Грузија и управен партнер на „Бизнис Грузија“, Кам Бакнер, претставник на државата Илиноис, поранешен кандидат за градоначалник на Чикаго, Тед Саудер, поранешен дел од менаџментот на Google, Никола Јуришиќ, основач и управен партнер во Transfiguration Advisory, Иван Артуковиќ, извршен директор на Франк, Живко Мукаетов, извршен директор и претседател на Управниот одбор во Алкалоид, Вал Јусуфи, извршен директор на Институтот ЛЕОРОН, Бранко Станчев, главен комерцијален директор во Македонски Телеком АД, Гурудут Банавар, научен и технолошки иноватор, претприемач, инвеститор и хуманист, Сурав Синха, партнер и раководител за стратегија во Longevity Vision Fund, Никола Велковски, ко-основач и извршен директор на Howitzer и многу други истакнати личности во повеќе области.

Интересот за присуство на Самитот Македонија 2025, кој годинава се одржува по 12 ти пат е голем и според проценките се очекуваат околу 400 учесници, кои освен што ќе ги слушнат излагањата и дебатите на панелистите, ќе имаат и уникатна можност за вмрежување со исклучителни професионалци и остварување на нови партнерства и соработка со потенцијални инвеститори. Во насока на унапредување на овој сегмент Македонија 2025 има подготвено  Платформа за просперитетна иднина, која нуди основа за обединување на сите засегнати страни и усогласеност на клучните приоритети за долгорочен развој и за подобра иднина на Македонија и на регионот. Покрај конференциската агенда, Самитот вклучува и тренинг сесии, професионални средби, и неколку дополнителни настани, како што е научната конференција во соработка со претседателот на Република  Македонија, Стево Пендаровски.

Самитот на Македонија 2025  е во организација на меѓународната невладина организација Македонија 2025, чија главна мисија е креирање и унапредување на динамична платформа за споделување знаења од областа на бизнисот, економијата, технологијата, лидерството и иновациите, во насока на поттикнување на економски развој и одржливост.