Започна со Донадони, а заврши со Балотели

152

Секој искрен фан на италијанскиот калчо гигант Милан ќе признае дека посакува да се врати времето на Силвио Берлускони и на Адријано Галијани. Поранешниот премиер на Италија е најтрофејниот претседател во клупската историја на „росонерите“, но голем удел во тој успех има неговата десна рака, Адријано Галијани. Повеќе од 20 години Галијани го имаше главниот збор кога е во прашање пазарот на фудбалери, а пред неколку дена го прослави и својот 75 роденден. Сите италијански медиуми му посветија посебно внимание, а најтиражниот спортски весник „Газета дело Спорт“, потсети на најспектакуларните трансфери кои беа реализирани со неговата магија.

Првиот преоден рок на Берлускони и Галијани ќе биде запаметен по трансферот на Роберто Донадони кој беше купен од Аталанта за 10 милијарди лири. Милан беше побрз од Јувентус, а сопственикот на „старата дама“, адвокатот Ањели изјави: „Берлускони удри по фудбалската игра, од спортот направи телевизиско шоу. Донадони беше првото парче кое го зема од нас, го зема од нашите редовни добавувачи. Ништо нема да биде исто како претходно“.

Откако за 13.5 милијарди лири беа осигурани услугите на најдобриот фудбалер во дресот на ПСВ, Руд Гулит, во 1987 година Галијани за само 1.75 милијарди лири го договори и трансферот на бомбардерот на Ајакс, Марко ван Бастен. „Лебедот од Утрехт“ важи за еден од најдобрите технички напаѓачи во фудбалската историја.

Холандското трио беше комплетирано следната година, откако Милан на Спортинг од Лисабон му исплати 5.8 милијарди лири. Трансферот на Франк Рајкард ќе биде запаметен и поради потегот на првиот помошник на Адријано Галијани, Ариедо Браида, кој мораше договорот да го сокрие во своите гаќи затоа што пред канцеларијата на Спортинг беа навивачите на португалскиот клуб кои беа гневни поради продажбата на Рајкард.

Во 1995 година, Галијани го договори и трансферот на Жорж Веа, кој следната година ја освои и „Златната топка“. Актуелниот претседател на Либерија беше купен од ПСЖ за 11 милијарди лири. Веа можеби го има постигнато најубавиот погодок во клупската историја на „црвено-црните“.

Поради одлуката на Берлускони, целосно да ѝ се посвети на политичката кариера, Милан индиректно заврши во рацете на Галијани кој за 35 милијарди лири го договори трансферот на Андреа Пирло. Претходно од Интер во Милан пристигна и холандскиот интернационалец Кларенс Сидорф. Тогашниот шеф на стручниот штаб, Карло Анчелоти донесе одлука дека Пирло треба да игра пред дефанзивната линија. Андреа одигра клучна улога во освојувањето на трофеите како во Серија А, така и во Лигата на шампиони, но потоа беше продаден на големиот ривал Јувентус за 0 евра.

Андри Шевченко е уште една клупска легенда која беше купена од Динамо Киев за 25 милиони долари. Со постигнатите 24 погодоци, Украинецот беше првиот странски фудбалер, после Мишел Платини, кој првата сезона во Серија А ја има завршено како најдобар стрелец. Шева освои многу трофеи, а меѓу нив и „Златна топка“ во 2004 година.

Магијата на Галијани повторно излезе на виделина во 2003 година кога од Сао Паоло за 8.5 милиони евра беа обезбедени услугите на Рикардо Кака. Бразилскиот интернационалец во 2009 година беше продаден на Реал (М) за 65 мил. евра. Четири години подоцна Кака се врати во Милан, а неговата авантура на „Сан Сиро“ најмногу ќе биде запаметена по освоениот трофеј во Лигата на шампиони во 2007 година.

Само што си замина Кака, Милан за 10 мил. евра ги осигура услугите на стандардниот првотимец во дресот на Флуминенсе, Тиаго Силва. Во 2012 година Бразилецот беше продаден на ПСЖ за 40 мил. евра.

 

Благодарение на совршениот однос кој го имаше со Мино Раиола, Галијани во 2010 година ги убеди челниците на каталонскиот гигант Барселона, дека треба да му го продадат шведскиот интернационалец Златан Ибрахимовиќ. Претходната година Барса одвои 70 мил. евра за обесштетувањето на Ибра, а една година подоцна Милан плати само 24 мил. евра за обесштетувањето. Златан е најзаслужен за освоеното „скудето“ во 2011 година, последното кое Милан го има освоено во Серија А.

 

За време на зимскиот преоден рок во 2013 година, Галијани договори уште еден играч кој го има носено дресот на лутиот градски ривал Интер. Марио Балотели беше купен од Манчестер Сити за 23 мил. евра. Првите шест месеци беа како бајка, но веќе следната сезона Балотели беше актуелен поради своето проблематично однесување. Во 2014 година Супер Марио беше продаден на Ливерпул.

Десната рака на Берлускони има долг список со успешно реализирани трансфери, а „Газета дело Спорт“ потсети дека Галијани е најзаслужен и за трансферите на Роналдињо, Ривалдо, Џенаро Гатузо, Звонимир Бобан, Дејан Савичевиќ…