Започна преадаптација на Домот на Армијата во Тетово во управна зграда на Музејот на тетовскииот крај

131

Националната установа „Музеј на тетовскиот крај“ започна со процесот за оспособување на објектот познат како Дом на Армијата во управна зграда и мултимедијален центар, кој со одлука на Владата им е доделен како административна зграда.

– Потребно беше расчистување на целиот простор бидејќи објектот беше запуштен и полн со отпадоци и остатоци од предмети од уништените тоалетите, дел од инвентарот и мрежа за електрична енергија. Се однесоа шест камиони смет, се поправаше и електричната мрежа, бидејќи имаше исечени кабли, изјави Миќо Стојчески, директор на Музејот.

Од Министерството за култура се добиени 600 илјади денари за понатамошна обнова. Средствата во прва фаза ќе се користат за санација на покривот, како и поставување на нови врати и прозорци. Понатаму, согласно наоѓање на средства, ќе се работи на санирање на внатрешноста со молерисување и слично, потоа потребни преуредувања и поставување на инвентар, информира раководителот на установата.

На горниот кат од објектот се планирани канцеларии и работилници, додека на приземниот кат салата останува со истата намена, а просторијата каде бил порано ресторан се планира за мултимедијален центар.

– Просторијата може да биде како младински културен центар со повеќе функционалности па да има бифе, библиотека, мала бина, инструменти и слично да биде едно културно сврталиште за младите. Сепак се зависи од средства ако се најдат доволно, ние ќе се потрудиме тоа да биде што поскоро, вели Стојчески.

Домот на Армијата е објект стар околу 60 години.  Досега вработените на Музејот имаа канцеларии во Спомен куќата на народниот херој Ѓоце Стојчевски-Амбарче.

Извор.МИА