Со истражувачкиот проект на НУ Музеј Куманово „Црковното градителство во Кумановско од периодот меѓу двете светски војни“ ќе се расветлува развојот на монументалната сакрална архитектура, сликарството и зографскиот занает во општина Куманово. Годинава се истражуваат црквите во селата Облавце, Канарево, Макреш, Проевце, Бедиње, Четирце, Матејче и Романовце.

“Целта на овие истражувања, преку фотографирање и изготвување на архитектонско техничка документација е афирмирање на црковните споменици на културата, преку изложбена и издавачка дејност. Знаејќи ја состојбата и општествените прилики на Македонија, која тогаш се наоѓала во рамките на српското кнежевство на Кралството СХС и Кралството Југославија, може да се заклучи дека интензитетот на градење црковни споменици бил намален, поради осиромашеното население како плод на војните што се одвивале во овој период, поради што немале средства да ги платат скапите нарачки. Па така, и црковните објекти имале само иконостаси, без ѕидно сликарство. Некои од нив, дури ни денеска немаат живопис, или, пак, во последно време од 2006/08 година наваму, младите ликовни уметници започнуваат да ги отсликуваат ѕидовите на храмовите“, појасни раководителот на проектот, Славица Крстиќ.

Меѓу првите црковни споменици од овој период, изградени во 1925 година се Свети Ѓорѓи Победоносец во Пелинце, Света Петка во Бедиње (1926) и Свети Ѓорѓи во Канарево (1929). По една деценија, особено во 1936/38 година продолжува интензивна градителската традиција со нови или обнова на старите црковни објекти во повеќе кумановски села: Свети Никола во Облавце, манастирот Свети Илија во Орашац (1936/37), Свети Јован Крстител во Макреш (1937), манастирот Свети Ѓорѓи во Градиште (1937/38), Свети Тројца во Четирце (1937/39), Свети Димитриј во Бајловце (1938), Свети Спас во Матејче (1939), Свети Никола во Рамно (1939/40), Свети Спас во Романовце (1940) и Света Минаво Проевце (1941). Неколку цркви стојат само изѕидани од камен и покриени, дел од овие црковни споменици веќе се истражени со претходните проекти и објавени во монографијата „Црковни споменици во Кумановско“ (2012). Особено значајно е да се истакне, вели Крстиќ, дека во повеќето од овие цркви, иконостасите ги сликал првиот кумановски зограф и академски сликар Трајко Муфтински, како и Димитар Андонов Папрадишки, последниот македонски зограф и прв основоположник на македонското современо сликарство.

Истражувањата ги врши стручна екипа од НУ Музеј – Куманово, Славица Крстиќ, раководител на проектот, советник документатор и историчар на уметност, Валентина Андреиќ, виш кустос историчар на уметност и стручен соработник и Славица Цветановска, виш конзерватор архитект.