Започна детскиот турнир во мал фудбал „Сокол Јуниор Куп“ 2022

92

Под генерално покровителство на Општина Карпош и ФФМ, на фудбалското игралиште Сокол во населбата Карпош 1, на свечен начин беше одбележан почетокот на детскиот турнир во мал фудбал „Сокол Јуниор Куп“ 2022.

Како што информираат од општината, пред самото отворање на спортскиот спектакл, дечињата од танцовото студио Еурека извеле неколку динамични музички перформанси.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во своето обраќање истакнал дека токму овој терен како и самиот турнир се израз на заедништво и почит.


– Ме радува фактот што ова фудбалско игралиште стана култно место каде што сограѓаните се сеќаваат на спортската легенда Оливер Соколов, кој трагично го загуби својот живот во 1994 година. Оттогаш па наваму, неговите другари му се оддолжуваат на најдобар начин, така што го организираат овој спортски турнир во негова чест. Посакувам во наредниве денови да гледаме возбудливи спортски натпревари, да нема ваши и наши бидејќи сите се наши и да победат оние кои што најдобро ги совладале фудбалските вештини, изјавил Јакимовски.

Додал дека локалната самоуправа и понатаму ќе ги поддржува ваквите спортски настани и ќе ги стимулира најдобрите ученици – спортисти, обезбедувајќи им стипендии.

На овогодинешниот турнир се пријавиле 18 екипи кои ќе се натпреваруваат во две категории. Во Категорија 1 ќе учествуваат осум екипи кои се поделени во две групи (група А и група Б), на возраст од девет до единаесет години, додека пак во Категорија 2 ќе се натпреваруваат 10 екипи кои исто така се распоредени во две групи (А и Б), на возраст од 12 до 14 години. Во првата категорија, сите екипи поминуваат во елиминациска фаза (четврт финале), додека пак во втората категорија, последно пласираните екипи го напуштаат турнирот, а останатите играат елиминациска фаза, односно влегуваат во четврт финалето.

Вкрстувањето во елиминациската фаза од турнирот ќе биде во двете категории. Имено, првопласираниот во група А се вкрстува со последнопласираниот во група Б. Во овој случај, вториот од група А се среќава со третиот од група Б, додека пак третиот од група А ќе ги одмери силите со вториот од група Б. Според оваа комбинација, четвртопозиционираниот тим од група А ќе се пресмета со првиот од група Б.