Западен Балкан од утре е зона без роаминг: Во Србија, Црна Гора, Косово, БиХ и Албанија користете мобилен, ама внимавајте на кој број вртите!

Повиците, СМС-пораките и мобилниот интернет во шесте земји од Западен Балкан од утре се наплаќаат или се одземаат од бонусот вклучен во тарифниот пакет на корисникот на ист начин како тој да е дома. Влезниот повик во роаминг се третира исто како и влезниот повик во домашниот пазар, без наплата на дополнителен надомест

1485

Од утре кога ќе стигнете на граница со Србија, Косово и Албанија нема да имаат потреба да го исклучувате мобилниот интернет. Исто така, македонските граѓани кои се наоѓаат во Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина или Албанија  нема да имаат потреба да седнуваат во кафуле и да бараат шифра за вифи само за да комуницираат со блиските дома.

Регионот на Западен Балкан од утре е зона без роаминг, па мобилниот телефон може да се употребува исто како дома, без страв од висока сметка.

Повиците, СМС-пораките и мобилниот интернет во шесте земји од Западен Балкан ќе се наплаќаат или ќе се одземаат од бонусот вклучен во тарифниот пакет на корисникот на ист начин како тој да е дома. Влезниот повик во роаминг ќе се третира исто како и влезниот повик во домашниот пазар, без наплата на дополнителен надомест.

Укинувањето на роамингот е последната фаза од Договорот што државите го постигнаа на Вториот дигитален самит во Белград во 2019 година. Тогаш цените во роаминг се намалија за над 80 проценти.

Денеска завршува преодниот период во кој операторите за роаминг-услугите можеа да наплаќаат само одреден дополнителен надомест на националните електронски комуникациски малопродажни цени, што го утврди Агенцијата за електронски комуникации. Сега, како што информираат од АЕК се завршени сите чекори за разговори, пораки и пренос на податоци без тарифирање во роаминг, па од утре нема дополнително тарифирање за роаминг услугите, односно се воведуваат цени за роаминг услуги исти како цените на електронските комуникациски услуги на домашниот пазар (Roaming Like At Home).

Сепак, не треба да се претерува, зашто операторите ќе применуваат политики за фер користење на регулираните малопродажни услуги во роаминг со цени како домашните, за да се заштитат од злоупотреби и невообичаено голема употреба, што би ја довело во опасност одржливоста на нивното финансиско работење. Тоа е во согласност со Правилникот за фер користење и одржливост, донесен од АЕК со кој се уредени детални правила за спроведување на политиките за фер користење кои операторите може да ги применуваат врз потрошувачката на регулираните малопродажни роаминг услуги. Исто така, се уредуваат и детални правила за барањето на операторите да добијат одобрување за примена на дополнителен надомест за роамингот, со цел да се обезбеди одржливост на нивниот домашен модел на наплата. Се уредува и методологијата што Агенцијата треба да ја применува при процена дали операторот не е во можност да си ги поврати трошоците од давањето регулирани роаминг услуги.

Македонските граѓани се во исчекување за намалување на цените на роамингот и со Грција и Бугарија, со кои имаме потпишано меморандуми. Но, тие сè уште не се во примена, па во роаминг со Грција и Бугарија мегабајт интернет се наплатува од 59 до 390 денари, СМС-пораката чини од 16,9 до 19 денари, додека појдовниот повик е 79 до 89 денари, а дојдовниот од 25 до 19 денари.

Според АЕК за укинување на цените во роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија, што се смета за логичен след на настаните и за што се преговара, сепак е потребна волја од Унијата за потпишување спогодба.

Повикот од македонски број кон српски, црногорски, босански, албански и косовски се наплаќа и натаму како меѓународен

Внимавајте кога со телефон од домашен оператор од Македонија се јавувате на број од некоја од земјите со кои одутре нема роаминг. Од сметката може да ве заболи глава, зашто тие повици се тарифираат како меѓународни.

Но, ако од македонски број од Македонија вртите на исто така македонски број во некоја од петте земји со кои нема роаминг, тогаш повикот ќе се наплати како домашен или исто како да сте зборувале дома.

Една минута меѓународен повик со земјите од соседството ќе ја платите по вообичаената тарифа од 20 до 33 денари во зависност од операторот. Ако повикувате број во Црна Гора или БиХ, тогаш цената на минута разговор влегува во тарифата за Балкан и изнесува од 30 до 44 денари.

(С.В.)