Замок од 13. век во ново руво: осовременет со колоритни графити

116

Кој вели дека замоците се утврдени зданија од сив камен, неми потсетници на некои дамнешни времиња?

Денешните сопственици на замоци, како еден гроф од Глазгов, се свесни за потребата тие да се усогласат со современото опкружување. Затоа тој се согласил своjoт замок да го претвори во најзабавното средновековно здание во цела Шкотска.

Семејството Бојлс живее во замокот Келбурн, кој се наоѓа во Северен Ајшир, Шкотска, уште откако е изграден во 12 век, и е единственото семејство кое од првиот ден го поседува и живее во него низ вековите.

Во 2010 година семејството добило налог од Заводот за заштита на старини од фасадата да се отстрани малтерот нанесуван во 1950 година кој почнал да ја уништува градбата. Тогаш стариот гроф, по убедување од своите деца, одлучил пред отстранувањето на фасадата да повика бразилски уметници и да ги замоли замокот целосно да го насликаат со графити, а тие со задоволство прифатиле.


Уметниците живееле во замокот еден месец, како дел од проектот, за да можат да споделуваат и да истражуваат нови идеи, од двете страни на еквадорот, чиј краен резултат беше џиновско дело на заедничка уметност. Муралот беше прогласен за едно од десетте примери за светска уметност на авторот и дизајнер Тристан Манко, заедно со делото на Бенкси во Њујорк и Фавела Моро да Провиденсија во Рио де Жанериро, во 2011 година.

Откако бразилските уметници ја завршиле својата работа, замокот го привлекол вниманието на медиумите и река туристи почнала да се слева кон замокот. Тогаш грофот го замолил Заводот и по рокот од три години, до кога требало да се отстрани фасадата со графитите, да дозволат тие да останат трајно. Заводот делумно се согласил со ова и дозволил фасадата да остане уште неколку години.

Од 2011 година, замокот кој уште е приватен дом на ерлот од Глазгов и неговото семејство, функционира како локален центар и е отворен за посетители во одредени денови и часови. Посетителите можат со тура со водич да ја запознаат историјата на замокот до денешен ден и да разгледаат како се живеело некогаш и сега.


Со инспекција од 2012 година било утврдено дека фасадата сериозно го оштетила замокот и како нејзино итно отстранување бил одреден крајниот рок до 2015 година. Меѓутоа, се чини дека фасадата со графити уште не е отстранета.