Познатата југословенска актерка Мира Фурлан, најпозната по филмовите „За среќа се потребни тројца“ (1986) на Рајко Грлиќ и „Убавината на порокот“ (1986) на Живко Николиќ, за која доби Златна арена за главна актерка, по подолго боледување почина деновиве во Америка на 65-годишна возраст.

Како што дознаваат хрватските медиуми, актерката веќе подолго време била заболена од западнонилска треска. Поради оваа болест, таа поминала долго време во болница во Америка, а лекарите се бореле за нејзиниот живот.

Инаку, Мира Фурлан важеше за една од најубавите и најсексапилни актерки на екс Ју-просторите, а публиката ја памети по многубројните улоги во театарот, филмот и телевизијата. Но, нејзината животна приказна која повторно излезе на површина, не била ниту малку лесна… Таа го доживеала првиот голем удар на 16-годишна возраст, кога нејзината мајка починала од рак. Во 1986 година се случила љубов со српскиот режисер Горан Гајиќ, поради која во времето на немирите во поранешна Југославија, добивала бројни закани. Во тоа време добила и отказ од Хрватскиот народен театар, а ѝ бил одземен и станот…

Фурлан во 90-тите години на минатиот век, жестоко ја критикуваше војната, национализмот и лудилото што се случи на југословенските простори, а на крајот на 1991, таа и нејзиниот сопруг, заедно со синот Марко Лав емигрирале во Америка… Во 2002 година, таа се врати во Хрватска по 11 години да ја игра главната улога во драмата на Раде Шербеџија, а неодамна глумеше во филмови и серии во Србија („Диши длабоко“, „Турнеја“ и „Ќе се вратат штрковите“).

Македонската публика, пак, имаше можност да ја види во Скопје во 2016 кога таа беше член на меѓународното жири на филмскиот фестивал „Киненова“. Таа тогаш посочи дека во Македонија се враќа по цели 30 години.

„Пред 30 години се случи несреќата во нуклеарката Чернобил, а јас бев на одмор во Охрид“, откри тогаш Фурлан, која на фестивалот додаде дека ѝ е најважно што има шанса да гледа авторски филмови, со оглед дека живее во Лос Анџелес каде што нема таква можност“.

Во Америка глумеше во планетарно популарните телевизиски серии „Вавилон 5“ (како Делен) и „Изгубени“ (како Данијел Русо). Токму Мајкл Страчински, авторот на научнофантастичната серија „Вавилон 5“ ја објави веста за нејзината смрт. „Мира беше добра и љубезна жена, зачудувачки талентирана и пријателка на сите учесници во серијата“, напиша тој. Стразински рече дека актерите и тимот на „Вавилон 5“ веќе некое време знаеле дека здравјето на Фурлан се влошува. (Д.Т.)