Залутаниот коњ кого го „залови“ германка, чекајќи да се „вдоми“ во Агенција за одземен имот, пасеше пред полициска Беко!

269

Коњ кој најверојатно избегал од сопственикот во Нерези, најпрвин бил забележан како шета низ главната улица во Козле, и така рашетувајќи се по булеварите стигнал до центарот на Скопје. Него го заловила туристка од Германија, а полициски службеници потоа го врзале во паркот пред ПС „Центар“. Коњот чекаше да биде преземен од Агенцијата за одземен имот

Скопје почна да наликува на Индија. Ако во оваа многу населена земја по улиците слободно шетаат крави, кои се свети животни за нив, низ скопските улици слободно шетаат коњи. Коњ кој најверојатно избегал од сопственикот во Нерези, најпрвин бил забележан како шета низ главната улица во Козле, и така рашетувајќи се стигнал и на булеварот „Климент Охридски“. Тина Мицковска, вработена во Зоолошката градина на својата фејсбук страница напиша предупредување на внимателност до возачите за тоа дека коњот се движи по главната улица во Козле.

–  Внимавајте! Коњчето се движи по главната улица, најверојатно избегано/изгубено од Нерези. Бил врзан кај Реплек, но најверојатно или некој го одврзал или сам успеал во тоа… Возете внимателно и да ги најдеме побрзо сопствениците – напиша таа.

Истиот коњ успел да стигне дури до центарот на градот. Бил забележан како исплашено трча меѓу возилата на булеварот „Климент Охридски“. При тоа, немало кој да го прибере и да се погрижи да биде преземен од Зоолошка градина, иако било пријавено секаде.

Како што раскажува портпаролот во МВР, Сузана Прањиќ која и случајно била очевидец на случката, коњот најверојатно имал сопственик, бидејќи јажето со кое бил врзан било скинато.

– Кога дојде на тротоарот, коњот го фати една германска државјанка, минувач, која и дома чувала коњи па знаеше да го смири. Јас тогаш паркирав и застанав со жената која побара помош да пријави некаде, затоа што коњот можеше да предизвика незгода ако го пушти. Останав со неа и вртев на телефон за да пријавам. Само колегите од полициска станица Центар одговорија и дојдоа. Дали дојде некој од Зоолошката, од Агенција за храна и ветеринарство или сопственикот, не знам, бидејќи тргнав на пат – вели Прањиќ.

Денеска коњот беше врзан во паркoт пред полициската станица „Центар“ и мирно пасеше трева.

Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека на 06.06.2023 во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Димитрије Чупоски“ се движел коњ без придружба и од страна на полициски службеници од полициската станица „Центар“ било постапено по пријавата.

– Известени биле Зоолошка градина, Агенција за ветеринарство, комунален инспектор од Општина Центар на Град Скопје, Коњички клуб  „Бравадос“-Волково и Агенцијата за одземен имот. Од Агенцијата за одземен имот добиен е одговор дека ќе го презвемат коњот – соопштија од МВР.

 (А.П.)