ЗАЛАДУВАЊЕ И СНЕГ НИЗ МАКЕДОНИЈА: Тетовски полицајци евакуираа семејство заглавено на Попова Шапка

93

Семејство со две малолетни деца, кои останале заглавени на Попова Шапка поради снежни навеви, на патот во викенд населбата, биле евакуирани од тетовски полицајци, па потоа и со возило на СВР Тетово однесени дома во Скопје. Полицијата била ангажирана откако 35-годишниот сопруг и татко побарал по телефон помош со оглед дека немаат струја и храна во викендичката.

– Во понеделникот во 12 часот и 40 минути, Б.А. (35) од Скопје во СВР Тетово пријавил дека поради големи снежни навеви бил отсечен пристапот до неговата викендичка на Попова Шапка, во која се наоѓале и сопругата и двете малолетни деца и дека поради тоа, тие не се во можност да излезат надвор и да заминат кон Скопје. Б.А., исто така, кажал дека во викендичката немаат електрична енергија и дека веќе немаат резерви од храна и огрев. Веднаш по пријавата, полициски службеници од Полициското одделение Попова Шапка се упатиле кон викендичката за да ги евакуираат лицата, а во меѓувреме во координација со локалната самоуправа е ангажирана и потребната механизација за пробивање на пат, по што лицата со возило на Секторот за внатрешни работи Тетово се пренесени до нивниот дом во Скопје – информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Ноќта помеѓу неделата и понеделникот, поради силен ветер и интензивни врнежи од снег завеан беше патот во населбата со викендички во Попова Шапка. Околу полноќ дошло до прекин во снабдување со електрична енергија.

– Механизација до 21 часот во понеделникот го расчистуваше патот, а утринава се продолжи со работа. Патот е речиси исчистен, но повторно врнеше снег, а за среќа немаше ветер – изјави Хавзи Ризвани, претседател на месната заедница и здружение на граѓани сопственици на викендички на Попова Шапка.

Во викенд населбата има околу 650 објекти.

Новите врнежи од снег што почнаа  ја зголемија снежната покривка на планините. Силниот северен ветер услови нагло опаѓање на температурите, и на некои места се појавија снежни наноси, а во западните делови се формираше мала снежна покривка и на пониските места.

На Попова Шапка беше регистрирана највисока снежна покривка од околу половина метар, а помалку снег наврна и Лазарополе и Маврово. Во Скопје облачно со повремени врнежи од дожд, кои претпладне преминаа во снег.

Во среда ќе дува силен северен ветер и на места сè уште ќе провејува снег. Во четврток ќе настапи преодна стабилизација на времето, но ќе се задржи студено. В петок кон крајот на денот во западните делови се очекуваат нови врнежи од дожд, а на планините од снег.

Поради интензивни врнежи од снег на сила е забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.

– Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози. Врнежи од снег се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот превој Стража. Дожд врне во Македонски Брод, Дебар, Кичево и на планинските превои Буково и Пресека – велат од АМСМ.

Оттаму препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има појава на утринска магла и можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од УХМР за утре прогнозираат променливо облачно и студено со умерен до засилен, а долж Повардарјето силен ветер од северен правец. На места ќе провејува слаб снег. До крајот на денот облачноста во најголем дел од земјава ќе се намали.