Законот за јавно обвинителство на статус кво

88

Разговорите меѓу работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство, со кој се решава и иднината на Специјалното јавно обвинителство, се во статус кво состојба и засега не е предвидена нова средба.

Од Министерството за правда за МИА потврдуваат дека засега нема промени во однос на разговорите околу Законот за јавно обвинителство и дека за денеска не е закажана средба средба меѓу работните групи.

Иако се очекуваше работните групи на двете партии да преговараат од почетокот на оваа недела, тоа не се случи, а последната нивна средба се одржа во јули и оттогаш позициите на двете страни се непроменети.

Власта, како што повеќе пати потенцира е подготвена да одговори на одредени барања на опозицијата, но сепак црвената линија е бескомпромисната борба против криминалот, додека пак опозицијата е на став дека не прифаќа автоматско префрлање на јавните обвинители од СЈО во новоформираното Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, ниту тоа да биде предводено од Русковска.

Препрека се и истрагите, отворени по 30 јуни 2017 година, за кои опозицијата предлага да бидат преземени од државниот обвинител, додека власта смета дека обвинителите од СЈО треба да продолжат да работат на предметите.

Собраниската седница за предлог-законот е закажана за 27 август, по враќањето на пратениците од колективниот одмор. За законот е потребно двотретинско мнозинство, односно поддршка од 80 пратеници.

Меѓународната заедница е едногласна во барањето до властите во Северна Македонија во врска со случајот „Рекет“ да покажат на дело дека во земјата има владеење на правото и дека правната држава функционира, а законот за обвинителството е исклучително важен за одлуката за доделување датум за преговори за членство во ЕУ, што се очекува да биде даден во октомври.

Почетокот на преговорите со Унијата, но и официјалното членство во НАТО и економскиот фактор се причините поради кои власта не сака да оди на предвремени избори, на кои опозицијата инстирира и како што најави ќе го зголеми притисокот врз Владата оваа есен.