Законот за задолжително пензионирање блокиран од опозицијата со 400 – 500 амандмани

43

Законското решение за задолжително пензионирање во јавниот сектор на 62 и 64 години е во собраниска процедура, но блокирано со 400 – 500 амандмани од опозицијата, рече денеска министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференција во Владата, Шахпаска ги повика пратениците и од власта и од опозицијата да ја надминат оваа ситуација и да овозможат процесирање на законот, особено зашто, како што нагласи, сите амандмани се во суштина исти и се однесуваат само на рокот за важење на законот.

-Моите сознанија се дека законот е стигнат до второ читање, но за сите четири закони кои го регулираат пензионирањето со 64 години, законите за работни односи, за административни службеници, за здравствена заштита и за високо образование, се блокирани од страна на опозицијата со по 400 – 500 амандмани. Ги повикувам пратениците, како од власта, така и од опозицијата, да најдат решение и исход зашто нашите сознанија се дека сите амандмани се во суштина исти, само за преместување на рокот за важење на законот. Да се договорат и ова законско решение да се биде поднесено, истакна министерката.

Шахпаска напомена и дека законското решение е предложено од пратеници, а Министерството не учествува во законодавната, собраниска процедура.

-Согласно предвидените законски решенија, сите граѓани кои наполниле 64 години и кои согласно важечкото законско решение до крајот на 31 август 2020 година поднеле барање за продолжување на нивниот работен век во следната година, ќе важи договорот за работа до неговото истекување, најдоцна до 31 декември 2021 година. Тоа е одредбата која ја предвидува законското решение кое ни беше дадено на увид од страна на пратениците, објасни Шахпаска.