Заигра втора лига – Европска политичка заедница, сателит на ЕУ или отворени врати?!

Европските лидери ја одржаа првата средба на Европската политичка заедница на која дискутираа за најголемите предизвици со кои се соочува стариот континент – војната во Украина, енергетската криза и поскапувањата во Европа. Еден ден пред неформалниот ЕУ самит на земјите-членки на Унијата, Европа во најширока смисла дебатираше за најгорливите и стратешките прашања од заеднички интерес, а европските лидери испратија порака до рускиот претседател за обединетоста на европскиот континент додека трае воената агресија врз Украина. Иако Брисел убедува дека Европската политичка заедница не преставува „сателит на ЕУ“, туку е можност на иста маса да седнат сите европски лидери, без разлика дали се членки на ЕУ, за да разменат мислења за големите прашања и предизвици, во јавноста во земјите кандидати за членство се појави загриженост во однос на тоа дали Унијата наоѓа замена за процесот на проширување.

128
EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Собир на лидерите од европските земји во духот на еднаквоста и единството или печат за уште поголем јаз помеѓу членките на ЕУ и останатите држави во Европа?! Идејата на францускиот претседател Емануел Макрон од мај годинава стана реалност со првиот состанок денеска во Прага. 44 европски лидери ја одржаа првата средба на Европската политичка заедница на која дискутираа за најголемите предизвици со кои се соочува стариот континент – војната во Украина, енергетската криза и поскапувањата во Европа. Еден ден пред неформалниот ЕУ самит на земјите-членки на Унијата, Европа во најширока смисла дебатираше за најгорливите и стратешките прашања од заеднички интерес, а европските лидери испратија порака до рускиот претседател за обединетоста на европскиот континент додека трае воената агресија врз Украина. Пред почетокот на состаноците, високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел порача дека европските лидери од Прага испраќаат јасен сигнал за изолација на Русија и ќе се обидат да создадат нов поредок без Москва. Борел истакна дека Самитот и формирањето на Европската политичка заедница е сигнал до Русија, иако е јасно дека нема да ја запре војната поради санкциите, да знае дека е изолирана.

 – На состанокот ќе се бара нов поредок без Русија. Тоа не значи дека сакаме да ја изолираме Русија засекогаш, но оваа Русија нема да ја зачлениме. Тука сме да за да испратиме сигнали до Русија, изјави Борел пред почетокот на Самитот.

Порака до Путин за обединета Европа против Москва

EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Мозокот на политичката заедница, Емануел Макрон порача дека состанокот во Прага испраќа порака за единство.

 -Инаугуративниот состанок на 44-члената Европска политичка заедница во Прага  го покажува единството на континентот додека се бори со последиците од руската војна против Украина. Целта е, пред се, да споделиме заедничко читање за ситуацијата што влијае на нашата Европа и исто така да изградиме заедничка стратегија, рече Макрон на почетокот на самитот.

Германскиот канцелар Олаф Шолц предупреди дека не може да го игнорираат рускиот напад на Украина. Шолц потсети дека не е загрозена само Европа, туку и азиските сојузници, како Јапонија или Јужна Кореја.

– Убаво е да се види како сите ѝ помагаме на Украина, парично и со испорака на оружје, истакна Шолц.

Домаќинот на самитот, чешкиот премиер Петр Фијала посочи дека важен е сигналот до Русија, дека без неа се состануваат лидерите на целиот континент, а не само на Европската Унија.

– Тоа, без сомнение, е важен сигнал за Владимир Путин дека сите европски лидери се сретнаа и го решаваат тоа што ги мачи, рече Фијала.

И претседателот на Франција и премиерите на Германија и Чешка се согласни дека Европската политичка заедница не смее да стане некоја нова институција со бирократија, какви што ги има доволно во Европа, а исто така не е замена за процесот на проширување на Европската Унија.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, е оптимист дека европските лидери од првиот Самит на новата иницијатива на Европската политичка заедница можат, меѓу другото, да испратат сигнал до Русија дека привремено и без неа работаат на надминување на актуелните кризи.

 -Овој состанок е важен бидејќи е прв. Соочени сме со истите проблеми, имаме исти предизвици. Јас сум голем оптимист. Ќе се покаже колку добро можеме да соработуваме, изјави Мишел во Прага, каде учествуваа 44 делегации, а беа изоставени Русија и Белорусија.

ЕПЗ – поширока интеграција

Европски дипломати тврдат дека заедницата не е алтернатива за полноправно членство во ЕУ и дека тој процес продолжува непроменето, а целта на ЕПЗ е ова да биде платформа за дијалог за стабилноста, безбедноста и просперитетот на Европа, како и показател за единството на стариот континент.

Холандскиот премиер Марк Руте истакна дека Европската политичка заедница не е алтернатива на процесот на пристапување, туку платформа за европските лидери да разговараат за актуелните прашања. Тој посочи на потребата од европска солидарност за координирање на активностите.

Иако Брисел убедува дека Европската политичка заедница не преставува „сателит на ЕУ“, туку е можност на иста маса да седнат сите европски лидери, без разлика дали се членки на ЕУ, за да разменат мислења за големите прашања и предизвици, во јавноста во земјите кандидати за членство се појави загриженост во однос на тоа дали Унијата наоѓа замена за процесот на проширување. Европски дипломати тврдат дека заедницата не е алтернатива за полноправно членство во ЕУ и дека тој процес продолжува непроменето, а целта на ЕПЗ е ова да биде платформа за дијалог за стабилноста, безбедноста и просперитетот на Европа, како и показател за единството на стариот континент.

-Забележавме на самитите ЕУ-Западен Балкан дека сме фокусирани на процесот на проширување, и тоа зазема најголем дел од вниманието, а тука сакаме да навлеземе повеќе во политичка дискусија со оние кои ја напуштиле ЕУ, сакаат да и се придружат или се мислат, вели висок дипломат во ЕУ за МИА.

И евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир е дециден дека Европската политичка заедница не е замена за процесот на проширување, туку форум за заедничко справување со предизвиците. Гир појасни дека секогаш кога ЕУ се соочува со големи и важни прашања како што е нападот на Русија врз Украина, прашањето поврзано со енергетиката, животната средина и ред други прашања коишто се од огромна важност тогаш Унијата го проширува кругот на учесници во нејзините состаноци се со цел да може подобро да ги адресира тие прашања.

Ве молиме, останете надвор

Австрискиот весник Винер Цајтунг пишува дека Европска политичка заедница е повеќе од само економска заедница. Анализира дека Макрон е скептичен за петте земји кои со години се кандидати за членство во ЕУ: Албанија, Црна Гора, Македонија, Србија и Турција.

-Северна Македонија направи убедливо најголеми напори меѓу земјите од Западен Балкан, решавајќи го спорот за името со Грција, а подоцна и приспособувајќи се со Бугарија во толкувањето на заедничката историја и правата на етничките Бугари во Северна Македонија. Таа е официјален кандидат за пристапување во ЕУ од 2005 година, а Комисијата на ЕУ препорача отпочнување на пристапните преговори уште пред неколку години. Но, дури во јули оваа година вложениот труд е награден. ЕУ ги започна пристапните преговори со Северна Македонија, а исто така и со Албанија. Додека австриската федерална влада се залага ЕУ да ги вклучи сите земји од Западен Балкан, Франција традиционално ги кочи. Макрон бара ЕУ да ги реформира институциите и процесите на одлучување пред проширувањето, пишува Винер Цајтунг.

Според весникот, во проектот ЕПЗ, францускиот претседател гледа „нов простор за соработка во областа на политиката, безбедноста, енергетиката, транспортот, инвестициите во инфраструктурата и слободата на движење, особено на младите“.

Покрај шефовите на држави и влади на 27-те членки на ЕУ, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на состанокот вчера беа поканети и високи претставници од 16 други европски земји, како и Турција. Меѓу нив се земјите од Западен Балкан, како и Швајцарија, Норвешка, Велика Британија и Украина. Беше најавено дека на лидерската средба на Европската политичка заедница во Прага преку видео врска ќе се обрати и украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Ковачевски: Само обиденети можеме да се справиме со предизвиците на недостиг на енергенси и храна

На покана на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и чешкиот премиер Петр Фиала, македонската делегација на состанокот во Прага ја предводи премиерот Димитар Ковачевски. Ковачевски потврди дека фокусот на вчерашните сесии бил на економијата, енергетикат и безбедноста.

Фејсбук Ковачевски

-Срдечен пречек од страна на премиерот на Чешка, Петр Фиала во пресрет на првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага. Фокусот на денешните сесии со лидерите во Европа е економијата, енергетиката, безбедноста, заштитата на животната средина, но најважно заедништво за ублажување на последиците од најголемата криза во светот која ја памтиме во поновата историја. Само обиденети можеме да се справиме со предизвиците на недостиг на енергенси и храна, напиша премиерот Ковачевски на неговиот фејсбук профил.

Ковачевски вчера учествуваше и на самитот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) заедно со премиерите од редовите на социјалдемократски, социјалистички и демократски партии. На средбата учествуваа и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, како и поранешниот премиер на Грција и претседател на Сириза, Алексис Ципрас. Како што соопшти владината прес-служба, на состанокот, на кој присуствувал и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, се дискутирало за важноста од негување на социјалдемократските вредности како темел на демократските општества. Во Прага беа и министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Брисел со план да го вклучи Западен Балкан кон енергетската платформа

Македонија, Србија и Албанија веќе на ЕУ и ставија до знаење дека им е потребна помош во справувањето со енергетската криза минатата недела во Софија, како и на Отворен Балкан во Белград. Од ЕУ брифираат дека Брисел има план да им се помогне на земјите од регионот да се придружат кон енергетската платформа на Унијата, но ова не се однесува на горливото прашање со струјата за кое Македонија исто така побара помош и од соседна Бугарија и од Европската комисија, по моделот на помошта за време на набавката на вакцини против Ковид-19.

-Барањето за учество во енергетската платформа на ЕУ за трети земји пристигна уште во март, тоа е намерата, малку се забави, но повикот од страна на Европскиот совет е јасен, тоа го истакна и претседателот Вучиќ, и треба да се обнови, изјави за МИА дипломат од ЕУ.

По првиот состанок вчера во Прага, целта е овие состаноци да се одржуваат редовно, идеално два пати годишно. Домаќин вчера беше чешката влада, која во јули го презеде ротирачкото претседавање со Советот на Европската Унија. (В.С.Н.)

 

Македонски зелка, јаболка, домати, краставици, грозје… ќе се извезуваат за Украина

Во присуство на премиерот Димитар Ковачевски и неговиот украински колега  Денис Шмихал, во Прага се потпишани одлуки со кои се дополнува и ревидира постојниот Договор за слободна трговија помеѓу Македонија и Украина, а со цел да се олеснат слободната трговија и обезбедувањето храна меѓу двете земји. Одлуките ги потпишаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и заменик-министерот за економски развој и трговија на Украина, Тарас Качка.

Фејсбук Ковачевски

-Со денешното потпишување на договорите поврзани со слободната трговија и обезбедувањето храна, дополнително се зацврстува соработката меѓу двете земји. Потпишаните документи овозможуваат понатамошна либерализација на трговијата со земјоделско-прехранбени производи и на двете страни. Воедно, се овозможува бесцарински извоз, особено на свежите овошје и зеленчук и намалена царина при извозот и увозот на голем број прехранбени производи – информираа од Владата.

Појаснуваат дека со овие дополнувања на Договорот за слободна трговија се постигнува многу поголема либерализација во врска со правилата за потекло. Ако досега за извоз во Украина се користеа само суровини од Македонија и од Украина и обратно, а за извозот од нашата земја се користеа само суровини со потекло од Македонија и од Украина, со овие нови правила ќе биде возможно да се користат и ЕУ-суровини. Новиот Договор ќе овозможи користење суровини од Украина при извоз во ЕУ и обратно, стои во соопштението.

Министерот Николовски истакна дека, преку потпишувањето на овој Договор, се овозможува бесцарински извоз меѓу двете земји, особено на свежите овошје и зеленчук. Македонските земјоделски производи зелка, јаболка, домати, краставици, грозје, како и други земјоделски производи, слободно ќе се извезуваат за Украина. Со потпишувањето на овој Договор се постигнува и многу поголема либерализација во врска со правилата за потекло на стоката. Зајакнувањето на соработката помеѓу нашите две држави доаѓа во значаен момент за двете држави, а придобивки од овој договор ќе имаат македонскиот и украинскиот народ.