Заедничка иницијатива на ЗНМ, ИРЕКС и МРТВ за кревање на стандардите во јавниот сервис

36

Група од над 30 новинари и сниматели од јавниот сервис, од МТВ 1, МТВ2 и од Македонското радио, викендов учествуваа на тридневна обука за кревање на стандардите во известувањето и работењето и во битката против дезинформациите. Обуката, прва од ваков формат за вработените на јавниот сервис, заеднички ја организираа ИРЕКС со поддршка на УСАИД, Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми и МРТВ.

На работилницата, како што соопшти ЗНМ, биле обработувани актуелни теми од областа на новинарскиот живот, раскажување приказни, креирање „сториборд“ и параграф преку секвенци, како да се креираат подкасти, а била обработена и темата за подготовка и развивање на истражувачка сторија. Воедно биле опфатени и специфични теми коишто се однесуваат поконкретно на работата на редакциите во рамки на МРТВ.

– Обучувачите, Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, уредниците и новинарите Сашка Цветковска, Ана Зафирова и Тоше Огњанов, како и директорот на ЗНМ Драган Секуловски одржаа предавања на неколку теми: медиумскиот пејзаж и улогата на јавниот сервис, медиумите што се менуваат и типови медиумска писменост,  за процесот на создавање и ширење на дезинформации, за креирање истражувачки стории, а се правеа и вежби со снимање и креирање видеа во реално време, се вели во соопштението.

Учесниците на обуката новинари, сниматели и уредници се согласиле дека ваков формат на настани се од исклучително значење за јакнење на новинарскиот дух и самостојноста на редакциите и дека и во наредниот период ќе продолжат.

– На тој начин јавниот сервис со поддршка на Здружението на новинари на Македонија, на Македонскиот институт за медиуми и ИРЕКС ќе обезбеди континуитет во процесот на кревање на новинарските и уредувачките стандарди и политики, наведуваат од ЗНМ.

Проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат”, во чии рамки се одржа овој настан, е петгодишен проект финансиран од УСАИД и имплементиран од ИРЕКС, Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младинскиот образовен форум.