Заедниците на станари ќе функционираат и како енергетски задруги

165

На тој начин, како што вели Љупчо Димов, помошник на раководителот на Секторот за екологија и енергетска ефикасност во Општина Карпош, ќе биде овозможено законски да функционира и да се дефинира енергетската задруга. Притоа, во законските измени би се предложило во ходниците на објектите за колективно домување да се постават лед светилки, но и светилките да се палат на сензори, да се водат енергетски биланси за тоа колкава е потрошувачката на електрична енергија и други нови дејности 

Општина Карпош заедно со невладината организација „Хабитат Македонија“ со која се во партнерство за реализација на три проекти од програмата на Хоризонт 20 20, спроведува кампања енергетските задруги да бидат внесени во законските измени на Законот за домување и Законот за енергетика, како што се на пример заедницата на сопственици на станови, поранешно куќен совет.

На тој начин, како што вели Љупчо Димов, помошник на раководителот на Секторот за екологија и енергетска ефикасност во Општина Карпош, ќе биде овозможено законски да функционира и да се дефинира енергетската задруга. Притоа, во законските измени би се предложило во ходниците на објектите за колективно домување да се постават лед светилки, но и светилките да се палат на сензори, да се водат енергетски биланси за тоа колкава е потрошувачката на електрична енергијa и други нови дејности. 

Ова се одвива паралелно со промовирањето на формирање на енергетски задруги од страна на локалната самоуправа кое се случи пред една година.

– Станува збор за проектот „Изградба на фотоволтаична централа од 50 киловати и распределба на акциите од таа централа на 100 социјално загрозени лица“, за кој Општина Карпош аплицираше до германската влада. Сакаме со средства од германската влада да поставиме фотоволтаици на покривот на ОУ „Братство“. Се работи за 50 киловолтна постројка која ќе ја управува енергетска задруга, и која воопшто не зрачи и не пречи никому – објасни Димов.

Задругари, односно членови на таа задругата ќе бидат 100 социјално ранливи категории на лица од општина Карпош. Парите ги добиваме за централата како грант, а деловите, уделите, односно ваучерите од 300 евра од неа ќе им се поделат на 100-те најзагрозени социјални семејства во Карпош, кои практично нема да треба да вложат сопствени средства, но затоа пак, во иднина, ќе можат да остваруваат приход од оваа фотоволтаична централа – изјави Димов.

Но, засега, како што вели Димов, сè уште нема одговор од германската влада за средствата, но како што рече очекува до Нова година, да го добијат одговорот и средствата во износ од 45.000 евра.

Инаку, енергетската задругата е здружение во кое може да се поврзат индивидуалци – граѓани, минимум пет, или минимум пет правни субјекти, или пак цела заедница на станари (куќен совет).

Притоа, тие можат да инвестираат пари и да постават фотоволтаици на покривот на својата зграда и заедно да го делат профитот од тоа што ќе приходуваат. Придобивките од поставените фотоволтаици не се само во делот на заштедата која неминовно ќе ја остварат во потрошувачка на електрична енергија, туку ќе заштедат и во потрошувачка на топла вода.

Со поставувањето фотоволтаици задружниците ќе добијат и две броила (влезно и излезно) и ќе можат, доколку произведуваат повеќе струја од нивните потреби, вишокот да го продаваат на слободен пазар.

Освен тоа, во борбата за решавање на енергетската сиромаштија, како што најави Димов се планира да се постават 4-киловатни фотоволтаици на домовите на социјално загрозените семејства.

(А.П.)