Заев: Сите случаи на СЈО ќе продолжат таму каде што застанале

135

Сите судски сучаи на СЈО кои веќе се во судска постапка ќе продолжат таму каде што застанале, само под капата на новото СЈО, односно на Обвинителството за гонење на организиран криминал и висока корупција, изјави премиерот Зоран Заев, најавувајќи дека Владата ќе предложи нов закон за решавање на судбината на СЈО.

-Постојаните вработени од СЈО, обвинители, истражители, ќе преминат во новото обвинителство. Ова обвинителство ќе ги има сите гаранции, како и финансиска самостојност. Буџетот ќе го крои на шефот на ова обвинителството, истакна премиерот Заев, кој претходно истакна дека би сакал на чело на обвинителство да застане обвинителката Вилма Русковска.

Премиерот Заев додаде и дека ќе биде зајакната личната независност на овие обвинители, кои нема да смеат да бидат упатувани во други обвинителства.

-Првиот човек на ова обвинителство ќе може да се разреши со две третини од гласовите на членовите на Советот на јавните обвинители, рече Заев.

Тој јавно ги повика пратениците да го поддржат новото законско решение.

-Откако Катица Јанева ја депонираше оставката не гледаме некаков изговор од опозицијата да избегнува договор. Време е да ги заокружиме реформските процеси за добивање на ветениот датум за старт на преговорите. Овој закон е дури и поважен за целата држава бидејќи го покрива половина од правосудниот систем. Ги повикувам сите пратеници, да покажеме дека го препознаваме моментот дека треба политичките разлики да ги ставиме на страна, рече Заев.