Заев – продолжуваме да градиме пријателски односи со Бугарија, Мицкоски – разговорите се усложнети поради егзибициите на власта

54
Со Бугарија продолжуваме да градиме пријателски односи зашто ни треба решение, зашто треба да одиме во ЕУ и да ја исполниме втората еднакво важна цел, по членството во НАТО. Горд сум и среќен што доживеав за време на мојот мандат да бидеме членка на Алијансата, тоа е стратешка цел од 1993 година. Продолжуваме кон исполнување и на втората стратешка цел – членството во ЕУ, рече премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев во вечерашниот тв дуел на Канал 5 со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според него, не треба да се надеваме на ништо во септември, октомври и ноември, туку во декември.

Заев очекува на третите последователни парламентарни избори Бугарија да формира политичка влада, но тврди дека тоа не е неопходно за да ја донесе одлуката. Португалскиот предлог, нагласи, има решение. Тоа го презеде и актуелното словенечко претседателство со ЕУ.

-Важно е што ќе има и претседателски избори. Тврдам дека не мора да има политичка влада за Бугарија да ја донесе одлуката, истакна премиерот и повтори дека со Бугарија воопшто не се разговара за јазикот и идентитетот, туку за унапредување на соработката.

Мицкоски е дециден дека разговорите со Бугарија се усложнети поради, како што рече, егзибициите на оваа Влада и лошата „домат“ политика.

-Трета година преговраме, но колку поглавја отворивме? Нели ги решивме проблемите со соседите? До кога ќе преговараме? Не треба да преговараме зашто, нели, имаме договор и сите проблеми со соседите се решени. Народот точно знае дека е понижен, омаловажен и разочаран, не верува во институциите, ниту во политичарите, рече Мицкоски.

Треба, додаде, да ја градиме државата од почеток по 17 октомври.

На тоа Заев му укажа дека вака не се сака државата.

-Државата не се сака со негирање на успесите, туку со нивно уважување. Кога ќе се израдувате на успесите, тогаш значи дека ја сакате државата. Ги негирате успесите на земја која денес е максимално испочтиувана. Народот тоа го гледа. Светот не респектира, не посетија сите големи демократски лидери да ни оддадат почит за храбрите политики, нагласи Заев.