Заев посакува консензуален кандидат за претседател, а ВМРО-ДПМНЕ со јавен повик за кандидатури

42

Премиерот Зоран Заев е за консензуален претседателски кандидат, додека ВМРО-ДПМНЕ објави јавен повик за пријавување кандидатура до конвенцијата на партијата за избор на кандидат за претседател за изборите во 2019 година.

– Посакувам да имаме консензуален кандидат за претседател, кој ќе биде татко на нацијата и зад кој ќе застанеме сите, рече премиерот Зоран Заев.

Досега, посочи, не е отворен процес во врска со утврдување кандидат за претстојните претседателски избори, бидејќи во тек е сериозен процес за завршување на постапката за уставни измени во Парламентот. Најави дека веднаш потоа ќе ја отворат дебатата. Нагласи дека му е драго што има кандидати, но дека ќе треба да се види кои од нив граѓаните ги сакаат.

Потенцира дека се надева оти ќе биде избран кандидат за кој ќе биде чест да застанат и да го промовираат како иден претседател на Република Македонија. Тој очекува владејачката коалиција да победи на претседателските избори но, како што вели, за одлуката на граѓаните клучна ќе биде личноста на кандидатот.

-Ќе се обидеме да го изнајдеме најдобриот, или најдобрата. Ќе се потрудиме да најдеме кандидат што максимално ќе биде прифатлив за сите граѓани на Република Македонија, вели Заев.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ објави јавен повик за пријавување кандидатура до конвенцијата на партијата за избор на кандидат за претседателските избори во 2019 година.

Според таа партија, сите оние кандидати, кои ги исполнуваат законски предвидените обврски и услови за кандидирање за кандидат за претседател на Република Македонија и кои се согласуваат и ги поддржуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ и сметаат дека се потенцијален кандидат, треба да поднесат индивидуално писмо за изјавување на интерес за кандидирање на конвенцијата на партијата за избор на кандидат за претседател, најдоцна до 31 јануари до 18 часот, во просториите на централното седиште на партијата.

Веднаш потоа, сите кандидати кои ги исполнуваат условите, посочуваат, ќе имаат еднакво право да ги презентираат својот план и програма пред партијата. Согласно одлуката на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ на конвенцијата ќе учествуваат и одлучуваат 550 делегати.

Принципот за избор е тајно гласање, а за избран кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија се смета кандидатот кој добил најмногу гласови од сите кандидати, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати. Доколку ниту еден од кандидатите не го добил потребниот број гласови од 1/3 или кандидатите добиле еднаков број гласови, гласањето се повторува. Во повтореното гласање учествуваат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови во првото гласање, наведуваат од партијата.

Додаваат дека ќе го изберат најдобриот и најмотивираниот кандидат за претседател на Република Македонија, кој заедно со граѓаните ќе победи на претстојните претседателски избори 2019 година.