Заев: Пораката е примена, имаме свои слабости, но сме многу подобри од нашите противници

86

Пораката е примена, слушнат е гласот на народот. За нас и за нашето членство тоа е казна и го нареков „жолт картон“, за да можеме да бидеме уште подобри во периодот кој претстои, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

– Не сме сјајни, имаме свои слабости, но сме многу подобри од нашите противници. Со сите слабости покажавме дека знаеме да се менуваме, имаше честопати менување кадри и во владата, реконструкции, промени на директори, но и во партијата. Никој од нас не сме врзани за функциите партиски или општествени, народот е важен, државата е важна, нагласи Заев.

Народот, додаде тој, ни кажа прецизно.

– Прво ни кажа прецизно во многу аспкети, а тоа е седејќи дома нашите поддржувачи кои ги гледаме на овие избори како се со преку 70 илјади само во Скопје, буквално седнати дома, или еден дел од нив поминаа кон независни листи или кон помали политички субјекти во својата понуда или слично, но голем процент, 35-6 илјади, пола од тие 70 илјади останаа дома. ВМРО-ДПМНЕ имаа и помалку гласови од лани. Помалку гласови отолку Коце Трајановски што имаше во 2017 година, ако ги тргнеме гласовите од Алијанса за Албанците, малку се да, но нивната можност, нивниот плафон е токму до тука, рече Заев.

Се обрати на граѓаните кои не излегле да гласаат, и порача дека седејќи дома ќе го овозможат токму тоа против што се бореле.

– Затоа се обратив кон тој дел од нашиот народ, кон тие граѓани, коишто не сакаат да се врати режим и да биде молк, да имаме кавги дома и со соседите, што сакаат интеграција. Седејќи дома ќе го овозможат токму тоа против што се бореле, како граѓани, рече Заев.

Осврнувајќи се на грешките, посочи дека едниот дел е веројатно недоволната отвореност на нивните кандидати за градоначалници, досегашни градоначалници, односно недоволната активност по делот на решавањето и лични проблеми на граѓаните.

– Важни се проектите, но канализацијата во Кисела Вода, во руралното подрачје не донесе ниту еден глас, џиновски проект. Веројатно граѓаните со своите лични потреби не биле доволно ислушани, дали од Филип, досегашниот градоначалник или од Заев, пораката е јасно испратена, рече Заев.

Вториот дел на пораката, смета тој, е дека треба поенергични реформи.

– Платата порасна во просек за шест илјади и триста денари и минималната и просечната, но веројатно не е доволно, граѓаните очекуваат уште повеќе. Да, било пандемија, имало референдум, уставни промени, претседателски избори, но граѓаните очекуваат од нас, наше е да испорачаме. Еден дел на политиките кои ни се одразија и на крајот народот на еден начин ни ги казнува, еве по овој случај седејќи дома. Ни вети ЕУ, ни вети, за тоа што го направивме, а не испорачаа. Да, можеби Бугарија е вината, но ЕУ беше должна да испорача. Не им беше на граѓаните лесно да го поминат целиот процес како што не ни беше лесно на нас кои ги донесовме одлуките во Владата, Парламентот и граѓаните на референдум, само со таа единствена наша стратешка цел, нашиот сон – ЕУ, за да го продолжиме следниот получекор, оти чекорот од лани е направен, одлуката е донесена, треба само Совет на министри, не треба ни Европски совет да се свика за да ја закажеме првата меѓувладина конференција и тука имаме секако грешка, слабост. Од сето тоа учиме, заклучи Заев.