Заев: Пендаровски е човек кој одамна донесе одлука да влече напред

82

Стево Пендаровски е заедничкиот претседателски кандидат, соопшти премиерот Зоран Заев по средбата вечерва со партиите од коалицијата предводена од СДСМ и владината коалиција и сите поддржувачи на концептот за заеднички кандидат за претседател на државата.

– Почитувани граѓани се обединивме повторно сите Македонци, Албнаци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци и сите други. Првпат во македонската историја различните застануваат зад еден кандидат. Застануваме сите позади Стево Пендаровски. Надпартиски, европски, граѓански, пријател и претседател на сите и за сите граѓани на Република Северна Македонија, изјави премиерот.

Посочи дека Стево е човек кој одамна донел одлука да влече напред, а не назад и ги избрал граѓаните.

– Изразувам голема благодарност за големината на другите наши кандидати фаворити. Радмила  Шекеринска, Никола Димитров, Оливер Спасовски и другите кандидати. Големи луѓе, локомотиви на Владата кои одлучија да одработат во Владата, за реформите, за граѓаните. Одлучија да дадат предност на надпартискиот кандидат Стево Пендаровски. Да живее нашето заедништво, да живее нашето заедничко општество, да живее Северна Македонија со својот иден претседател Стево Пендаровски. Претседател кој ќе биде претседател на сите граѓани  подеднакво во нашата земја Република Северна Македнија, рече Заев.

Посочи дека вечерва 31 политичка партија заедно се обединија и покажаа дека националните се над партиските интереси.

– Ова вечерва е историска одлука за Република Северна Македонија. Ќе има заеднички кандидат, претставен и поддржан од сите. Пред се од граѓаните, а после од нас политичарите и политичките партии и ќе биде претседател на сите граѓани на Република Северна Македонија, изјави Заев.

Нагласи дека одлуката мора да биде верификувана за да биде конечна од органите на одлучување на секоја од партиите и СДСМ тоа ќе го сторат во недела.

Прашан за коментар во однос на неодамнешната криза во владината коалиција, Заев рече дека тоа е демократија.

– Можеме некојпат да бидеме различни, но во коалицијата стоиме зад програма. Стоиме зад нашата земја. Стоиме зад иднината на оваа наша земја. Крупни одлуки се донесоа во оваа наша земја. Оваа одлука вечерва е само ветер во грб на досегашните одлуки. Република Северна Македонија членка во НАТО. Република Северна Македонија членка на ЕУ. Република Северна Македонија дом, татковина подеднакво на сите граѓани на нашата земја. Тоа е иднината, изјави Заев.

Прашан дали преговорите со албанската опозиција остануваат и понатаму за вториот круг од изборите, Заев рече дека тука завршиле преговорите и тие се определиле за својот кандидат.