Заев од Гостивар: Бракот од интерес на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса ќе се распадне уште в недела на полноќ

    29

    Мицкоски и Села се споија околу заедничката безидејност и омраза кон другите. Затоа таа вештачка коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, тој брак од интерес ќе им се распадне уште во недела околу полноќ,  нагласи премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на трибината „Најдоброто за мојата општина“ во Гостивар.

    Тој потенцирапе дека кога и двајцата ќе видат дека ниту членови на ВМРО-ДПМНЕ гласале за Алијанса за Албанците, ниту членови на Алијанса за Албанците гласале за ВМРО-ДПМНЕ ќе се распадне коалиција.

    – Не може заедно „Македонци варвари“ и „Чиста Македонија“. Паметни се луѓето, не пиеме нафта, гледаме што се случува, истакна Заев.

    Тој додаде дека граѓаните треба во недела да ги поразат Села и Мицкоски во Гостивар, со цел да ги натераат да се реформираат и да се борат рамноправно за секој граѓанин без да ги интересира која религија е или каква етничка припадност има.

    – Затоа ќе останат во опозиција додека не им дојде паметот во глава. Не е ова ни 19, ни 20 век, веќе сме во третата деценија од 21 век. Време е да фатиме чекор со современиот свет, потенцираше Заев.

    Тој нагласи дека докажале оти државата има пари, но тие пари, како што посочи, треба да се насочат кон граѓаните и проектите за подобрување на животот на граѓаните, а не кон споменици, шмизли, бронза, златни огради и жални врби.

    Премиерот додаде дека за време на кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, Владата исто така излезе во пресрет на граѓаните и со една милијарда и 150 милиони евра ги помогна компаниите и најпогодените граѓани.

    – Докажавме дека не сме исти и тоа во време на пандемија и со решавање на крупни прашања. Доста беа експерименти во државата. Не сме веќе ни млада демократија, ни млада земја, прославивме 30 години, кажа Заев.