Заев: Нема да дозволиме причини за ново одлагање на преговорите со ЕУ

Заев најави дека не подоцна од 10 ноември ќе има средба со неговиот бугарски колега Бојко Борисов и дека посетата на Бугарија ќе му биде прва во овој мандат. Заев верува дека до тој период, кога се одржува Берлинскиот процес, каде Скопје и Софија се заеднички домаќини, ќе има придвижување во однос на отвореното прашање за Гоце Делчев.

256

Нема да дозволиме причини за нови одлагања за почетокот на преговорите со Македонија. Тоа е наша свечена обврска. Она што внесува оптимизам се и сигналите од нашите европски партнери дека билатералните прашања не треба да бидат камен на сопнувања. Со Бугарија сме партнери во НАТО. Духот на Договорот за добрососедсвто не обврзува да го почитуваме правото на самоопределување и идентификација како темелни вредности, изјави премиерот Зоран Заев пред малку на заедничката прес-конференција со новиот евроамбасадор во Македонја, Дејвид Гир.

-Ние сме на пат од кој нема враќање. Потрошивме премногу време на конфликти. Со секој решен проблем работиме да го подобриме животот на сите сограѓани, изјави Заев и му посака топло добредојде на шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Во однос на Бугарија, Заев рече дека не подоцна од 10 ноември ќе има средба со неговиот бугарски колега Бојко Борисов и дека посетата на Бугарија ќе му биде прва во овој мандат. Заев верува дека до тој период, кога се одржува Берлинскиот процес, каде Скопје и Софија се заеднички домаќини, ќе има придвижување во однос на отвореното прашање за Гоце Делчев.

-Мене ми е драго што комисиите работат, верувам дека ќе испорачаат резултати. Генерално нашето очекување е час поскоро да седнеме и да изнајдеме решение за ова прашање.

На прашањето каков е неговиот став, дали Гоце Делчев е македонски или бугарски револуционер, Заев рече дека тој смета дека е македонски, но факт е дека Бугарија го смета за бугарски.

-Гоце Делчев е македоснки револуционер, но исто така е факт дека Бугарија го смета за бугарски. Го имаме ние Делчево, град кој го носи неговото име, има и Бугарија Гоце Делчев град. Заедно со премиерот Бојко Борисов се поклонивме во Благоевград на споменикот на Гоце Делчев, но и на гробот на Гоце Делчев тука во Скопје. Низ историските личности треба да гледаме можност за зближување. Ако ги избегнуваме историските моменти и ги ставаме под тепих, не е добро за целиот овој регион и затоа имаме Договор за добрососедство за да можеме да ги решиме овие прашања кои ќе не обединат, изјави Заев.

Шефот на делегацијата на ЕУ, Гир посочи дека земјава е пример за целиот регион. Сепак, тој истакна дека треба да се реформираат сите области, особено во поглавјето владеење на правото, кое ќе биде отворено прво, а затворено последно. Тој ја потенцираше и важноста на добрососедските односи и истакна дека договорите за доброседство со Бугарија и договорт од Преспа со Грција треба да се почитуваат добронамерно.

-Европската делагација ќе стои на ваша страна и постојано ќе ви помага со цел да ја видиме Северна Македонија да стане дел од Европската унија. Не сум во позиција да зборувам за внатрешните дискусии во Советот во однос на почетокот на преговорите со Македонија. Дискусиите ќе продолжат на Советот и откако ќе се усогласи преговарачката рамка се надеваме дека наскоро ќе се одржи првата меѓувладина конференција и потоа треба да засукаме ракави и да продолжиме со реформскиот процес за да ги забрзаме напорите кои веќе се прават за таа цел. Германското претседателство вели дека таа конференција ќе се одржи пред крајот на годината, изјави евроамбасадорот.

Гир му оддаде почит на неговиот претходник Самул Жбогар за работата за време на неговиот мандат.

Гир и Заев разговарале и за состојбата со коронавирусот. (В.С.Н.)