Претседателот на СДСМ и експремиер Зоран Заев е повикан да сведочи на следното рочиште за случајот „Монструм“.

На барање на обвинителот Гаврил Бубевски, исто така, повикани се да сведочат и „свиркачот“ кој ја откри аферата со прислушувањето Звонко Костовски, Зоран Трајковски, Зоран Велковски и Љупчо Тодоровски-Радникот, објави 360 степени.мк

Заев и Костовски се повикани поради начинот на кој ги добиле прислушуваните разговори во врска со петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Трајковски ќе сведочи како лице кое би можело да знае нешто во врска со убиството, по телефонските разговори што беа слушнати во судницата, а на кои тој зборува, додека Велковски е повикан бидејќи го пријавил настанот.

На барање на родителите на убиените момчиња, дополнителен сведок ќе биде и Синиша Алексовски, советникот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Обвинетите побараа да сведочат двајцата припадници на единицата „Алфа“ кои први дошле на местото на злосторството.

На денешното рочиште родителите на убиените момчиња побараа да се пушти изјава на тогашниот премиер Зоран Заев на собраниска говорница во 2018 година, но според најавите тоа најверојатно ќе се случи на 3 февруари, кога треба да се обезбеди снимката од Собранието.