Заев: Кога ЕУ ќе биде подготвена нека ни се јави, јасно е дека за членство ќе чекаме уште 5, 7, 10… години!

98

Не станува збор просто само членството во ЕУ, за нас клучна цел е европеизацијата на нашата земја. Покажавме вистинска посветеност на овој процес и покрај тоа што од 2005 година сме земја-кандидат и 16,5 години чекаме да се случи следниот чекор. На јасно сме дека до членството ќе поминат можеби уште 5, 7 или 10 и повеќе години, но ЕУ е неопходно да ги исполни своите ветувања, да ни овозможи да го направиме следниот чекор“, истакнал претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во емисијата „Конфликт зоун“ на „Дојче веле“ на англиски јазик, соопшти Владата во соопштение. Премиерот навел дека, за жал, ЕУ не го испорача ветувањето пред граѓаните на Македонија и сега разочарувањето е навистина големо.

„Претседателот на Владата, Заев, посочи дека европеизацијата и членството во ЕУ немаат алтернатива, пред сè поради вредностите на Унијата кои значат подобра и просперитетна иднина, но додаде дека земјите од Западен Балкан, кои се како своевиден остров оставен во ЕУ, на овој начин се оставаат на можноста да се соочат со други влијанија. Во однос на нашиот европски пат со Албанија, премиерот Заев истакна дека станува за збор за спојување од практична причина, при што наведе дека секоја земја треба да се оценува самостојно, иако во слична ситуација се најдовме пред неколку години, но во обратна насока кога патот на Тирана беше блокиран, стои во соопштението..

Во однос на пречките со Бугарија на нашиот европски пат, премиерот Заев изразил оптимизам дека по формирањето на политичка Влада во Софија се отвора можност за надминување на овие прашања и посочи дека Владата на Северна Македонија го задржува курсот на посветеност и пријателство.

Северна Македонија е лидер во сите реформски процеси на Балканот, вели за „Дојче веле“,  Заев. Според него, главната битка е како да се задржат младите луѓе да не заминуваат од земјата.

Траумите од 16,5-годишното чекање на зелено светло од ЕУ се преголеми, вели Заев  и порачува дека ЕУ е таа која сега треба да одлучи дали сака натамошно проширување.

„Кога (ЕУ, н.з.) ќе одлучат да ни го овозможат овој заслужен следен чекор, нека ни се јават, затоа што по 16,5 години чекање, тоа е преголема траума. Имавме 12 позитивни препораки од Европската комисија, имаме 100% успешност на реформскиот процес според последниот извештај за Западниот Балкан и највисок резултат со остварени 63% од заклучоците за реализација на Програмата за економски реформи. Ние сме лидери на Балканот. Затоа кога ќе донесат одлука ние сме подготвени, а во меѓувреме, ќе ја продолжиме европеизацијата на Северна Македонија“, вели Заев.