Премиер Зоран Заев во интервју за „Дојче веле“ вели дека се надева на решение на спорот со Бугарија со новата влада во Софија. Во спротивно, и посакува среќа на Албанија сама да продолжи на европскиот пат.

„Големо е разочарувањето и траумата кај граѓаните по блокадата на европскиот пат на Северна Македонија, но земјата нема да бара алтернативи, вели премиерот Зоран Заев во интервју за „Дојче веле“.

Заев истакнува дека е оптимист за решението на спорот со Бугарија, по формирањето на новата влада кај нашиот источен сосед

„Јас сум оптимист затоа што за време на нашата последна посета на 17 јуни, се сретнавме со сите официјални претставници во Бугарија, со претседателот, со премиерот, министрите и понудивме решенија за сите отворени проблеми. И, постоеше целосна потврда за тоа, но останува неопходноста од политичка влада во Бугарија. Поради тоа, јас сум оптимист и можам да заклучам дека продолжуваме да бидеме целосно пријателски ориентирани, затоа што сме први соседи и нормално треба да обезбедиме подобра иднина за нашите млади луѓе, да не грешиме во таа насока. Затоа, верувам дека по формирањето на новата влада (во Софија, н.з.) е можно решение“, вели Заев.

Истакнувајќи дека разочарувањето во земјата по бугарската блокада „е многу големо”, додава дека сепак, алтернатива за земјата нема.

Македонија и Албанија последниве години во пакет се надеваа на позитивна одлука за почеток на пристапните преговори со ЕУ, но се почесто се поставува дилемата за можно одвојување на двете земји.

„Во Европскиот совет веруваат дека ќе биде полесно да се донесе одлука за почеток на преговорите за двете земји во пакет, отколку поединечно, вели Заев, но за него не постои никаков проблем доколку двете земји сега се одвојат поради ветото од Софија. Секоја земја заслужува да биде оценувана според своите резултати. Му посакувам успех и среќа на нашиот западен сосед, Албанија да продолжи на тој пат доколку продолжи оваа блокада од Бугарија“, истакна премиерот.