Заев: И во нашата Македонија имаше соработници на фашистите, домашни предавници!

По бурата од критики на негова сметка поради контроверзните изјави во интервју за бугарски медиум, Заев се објаснуваше на секаков можен начин, преку социјалните мрежи, преку пишани и усни изјави. Премиерот рече дека жали што неговото интервју предизвика толку силни негативни емоции, за кои, вели е целосно свесен и ги разбира, но не отстапува од своите изјави, туку додава дека и во Македонија имало соработници на фашистите. Заев вели дека раководството на царска Бугарија во 1941 година се приклучила на Тројниот пакт на фашизмот, но бугарскиот народ не бил прашан дали се согласува и затоа не треба цела Бугарија да се оквалификува како фашистичка. Веднаш стигнаа нови пораки и од официјална Софија. Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов го оцени интервјуто на Заев како мал чекор напред во вистинската насока и порача дека ако се оди во оваа насока, следната година може да се зборува за започнување на преговарачкиот процес на Македонија. - Интервјуто на Заев да ја надмине формата на изјава за медиуми и да стане меѓудржавен документ, порача Каракачанов!

103

Изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев дека Бугарија не била окупатор туку администратор во Македонија за време на Втората светска војна и дека Бугарија за него не е фашизам туку пријател, а Југославија ги делела двете земји, предизвика бурни негативни реакции во Македонија, но и во регионот. Граѓаните на социјалните мрежи, но и историчари, политичари, па дури и сопартијци на Заев остро го осудија настапот на премиерот во интервјуто за бугарската новинска агенција БГНЕС. По бурата од критики на негова сметка, Заев се објаснуваше на секаков можен начин, преку социјалните мрежи, преку пишани и усни изјави. Премиерот рече дека жали што неговото интервју предизвика толку силни негативни емоции, за кои, вели е целосно свесен и ги разбира, но не отстапува од своите изјави, туку додава дека и во Македонија имало соработници на фашистите. Заев вели дека раководството на царска Бугарија во 1941 година се приклучила на Тројниот пакт на фашизмот, но бугарскиот народ не бил прашан дали се согласува и затоа не треба цела Бугарија да се оквалификува како фашистичка.

 -Царска Бугарија во 1941 година застанува на страната на Тројниот пакт на фашизмот. Во тие моменти никој не ги праша Бугарите на референдум каква е нивната определба за да можеме цела Бугарија да ја оквалификуваме како фашистичка. И во нашата Македонија имаше соработници на фашистите, домашни предавници. Европа ги реши прашањата на европски начин, време е и Балканот да ги реши прашањата на европски начин. Да простиме, но да не заборавиме. Окупацијата од страна на фашизмот била присутна насекаде низ Европа и низ светот и тоа не е причина да велиме цел еден народ дека е окупатор, затоа велам администрација, затоа што тогашното раководство на царска Бугарија се приклучила на тројниот пакт. Но, денеска да зборувате за фашистичка Бугарија или фашистичка Германија, тоа не е поглед кон иднината. Прашањето е дали ги користиме вистинските зборови за да градиме иднина, рече Заев.

Според Заев, иако постои затоплување на односите меѓу Југославија и Бугарија по учеството на бугарските армии во борбата против фашистите, по 1948 година факт е дека постоеше „железна завеса“ помеѓу Југославија и Бугарија и сериозни историско-политички конфликти околу „македонското прашање“.

-Денес треба да работиме на отстранување на последиците од „железната завеса“ кои се уште се чувствуваат меѓу Северна Македонија и Бугарија. Историјата треба да не учи дека можеме и поинаку, дека можеме и подобро, дека треба да соработуваме, но и меѓусебно да ги почитуваме разликите помеѓу нас, вели македонскиот премиер Заев по неговото интервју за БГНЕС, за кое доби многубројни критики од јавноста и историчарите.

Заев вчера изјави и дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се на маса за преговори и никаде во светот не се преговара за идентитет и за свој мајчин јазик. Премиерот вели дека Бугарија ја признава реалноста за македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но сака да зборува за историјата, за минатото и за корените. Во однос на тоа дали ќе ги прифати бугарските барања во однос на македонскиот јазик, Заев рече дека тоа е работа прво на историчарите.

Премиерот вчера порача и дека „нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот. Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со АСНОМ-ска Македонија”. Заев посочува дека АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет, но, давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо, дали било тоа во бугарски или кој било друг контекст. Македонскиот премиер смета дека темните страници од балканската и европската историја не треба да бидат пречка за развивањето на добрососедските односи на Балканот и Европа.

-Дозволете најпрво да изразам жалење што моето интервју за бугарскиот медиум предизвика толку силни негативни емоции, за кои сум целосно свесен и кои ги знам и разбирам до детаљ. Но во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија. И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување, вели премиерот Заев.

Веднаш стигнаа нови пораки и од официјална Софија. Бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, му честиташе на Заев за интервјуто и  го оцени  како мал чекор напред во вистинската насока. Порача дека ако се оди во оваа насока, следната година може да се зборува за започнување на преговарачкиот процес на Македонија. Како што пренесе БНР, Каракачанов потенцира дека на Бугарија и требаат гаранции кои можат да се дадат само со потпишан документ и побара интервјуто на Заев да ја надмине формата на изјава за медиуми и да стане меѓудржавен документ.

– Бугарија инсистира во договорот на ЕУ со Република Северна Македонија да се наведат условите и да се стави до знаење дека Бугарија може да го стопира процесот на преговори во секое време кога договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија не се спроведува. Изјавата не е документ, не е меѓудржавен договор. Затоа сакаме или анекс, или нов договор, или потпишан протокол, во кој има многу јасни гаранции за тоа што и кога ќе се случува. Главната работа е говор на омраза. Ние сакаме јасна гаранција за тоа како ќе се промени нивниот образовен систем, со рокови, бидејќи самиот процес на преговори е долг, може да трае до 10 години. Со цел да се согласиме сакаме напишан патоказ, истакна Каракачанов.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера повикаа на масовен над партиски протест пред, како што велат, да биде предоцна. Потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски, на прес-конференција рече дека постои сериозна и реална основа за огромна загриженост по изјавите на Заев дадени во интервјуто за бугарската агенција.

 -Алармот е вклучен и силно свети затоа што ова интервју и тезите таму може да значи подготовка за ново откажување, нов непринципиелен договор на штета на македонската држава и народ. Ново предавство. Видовме интервју, на кое не со згазени туку се избришани црвените линии. Овие изјави на Заев дека Скопје, Куманово и Крива Паланка биле ослободени од Бугарите, освен тоа што со потсмев се земени од медиумите во регионот преставуваат грубо извртување на историските вистини. Тезата за постоење на администрација, а не окупатор претставува и газење кон жртвата на партизаните и антифашистичката основа врз која почива македонската држава, истакна Мисајловски.

Мисајловски и ВМРО-ДПМНЕ јавно го повикаа Заев да се повлече од „неговите штетни изјави и да се извини поради негаторскиот однос кон нашите херои”. (В.С.Н.)