Заев и Ахмети – колку блиску толку далеку  

Една од причините зошто не може да дојде до побрз договор помеѓу СДСМ и ДУИ, неофицијално, е тоа што ДУИ бара повеќе функционери во Владата и во другите извршни органи, повикувајќи се на тоа дека по предвремените парламентарни избори сега имаат повеќе пратеници во однос на претходните од 2016. Наводно, Ахмети се залага првата година премиер да биде Насер Зибери, а потпретседател Зоран Заев, а потоа, во следните три години повторно на премиерското место да седне Заев

125

Лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, вчерашната средба не постигнаа договор околу формирањето на нова влада. По состанокот, рекоа дека разговорите ќе се продолжат во текот на наредните денови. Но, и понатаму преговорите за формирање Влада се одвиваат зад завесите, со штури информации за јавноста, за како што велат лидерите, да не му наштетат на процесот. Но, таа дискреција не може уште долго да трае. Лидерите имаат рок до петок да обезбедат мнозинство за да го побараат мандатот од претседателот Пендаровски. Според неофицијалните информации, една од причините зошто не може да дојде до побрз договор помеѓу СДСМ и ДУИ за формирање на ново владејачко мнозинство е тоа што ДУИ бара повеќе функционери во Владата и во другите извршни органи, повикувајќи се на тоа дека по предвремените парламентарни избори сега имаат повеќе пратеници во однос на претходните од 2016.

-Во однос на прашањето за премиер Албанец, засега кружат само шпекулации од партиските кулоари. Според едни, ДУИ наводно инсистирала на моделот 3 години премиер од СДСМ, една од ДУИ, а наводно се разговарало и околу редоследот (кој прв да ја презеде премиерската палка). Според други, тоа барање било во сенка на разговорите за зголемена партиципација во власта на кадри од ДУИ, соодветно на изборните резултати, велат информациите на кои се повикува „Дојче веле“.

Неофицијално Ахмети се залага првата година премиер да биде Насер Зибери, а потпретседател Зоран Заев, а потоа, во следните три години повторно на премиерското место да седне Заев.

Заев очекува неделава да биде доделен мандатот за формирање влада. Нови избори, како што вели, не се решение затоа што ќе се повтореле резултатите. На разговорите со Ахмети имале напредок во аргументацијата на ставовите на двете партии. Тој повтори дека ја чувствува како притисок поканата за средба што ја упати истиот ден Ахмети до лидерите од албанскиот политички блок на годишнинатата од Рамковниот договор, порачувајќи дека таква средба може да имаат и претставниците од како што вели неалбанските граѓани.

-Можеме ние и со претставници на бошњачките партии, и со ВМРО-ДПМНЕ и со турските партии и слично, треба да се води грижа и за тоа. Ако е поводот Охридскиот рамковен договор и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат таму, рече Заев. Тој не сакаше да шпекулира околу информациите за ротирање на премиерското место.

Ниту Ахмети не одговори дали пречка за напредокот во преговорите е барањето за премиер Албанец, но со неговата изјава дека колку се блиску, толку се и далеку, даде до знаење дека и двете страни сè уште цврсто држат до своите позиции.

– Јас сметам дека колку што сме блиску толку сме и далеку, но сепак сите страни мораат да ги имаат предвид големите интереси на државата. Не сакам да ги оптоварувам преговорите и не сакам последниот збор да го кажам. Ние инвестираме во прашањето за Албанците, во добра насока сме и готови сме ова да ги направиме за државата затоа што придобивка ќе има стабилноста на државата, приближувањето на заедниците, сакаме и сме подготвени ова да го направиме за државата, истакна Ахмети.

Тој рече и дека веќе го информирал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, оти неговата партија започнала преговори со СДСМ, како победник со победник.

Претходно по објавата од СДСМ дека водат сериозни разговори за обезбедување ново стабилно парламентарно мнозинство со четиригодишен мандат, од ВМРО-ДПМНЕ во реакција порачаа дека „на Република Македонија не ѝ е потребна уште една влада како минатата за граѓаните да осиромашат“.

Уставот предвидува претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски по изјавата на досегашниот спикер на Парламентот Талат Џафери, кој смета дека без избран претседател законодавниот дом не може да се смета за конституиран, појаснија дека согласно уставните одредби во член 90, став 1, рокот за доделување на мандатот е десет дена од конституирањето на Собранието. Со денот на верификација на мандатите на пратениците се смета дека Собранието е конституирано. Кабинетот на претседателот сè уште го очекува дописот од претседавачот Талат Џафери, со кој ќе информира дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите на 4 август 2020 година.

Мицкоски: Со ДУИ не почнавме преговори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција откри дека на средбата со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, Ахмети го информирал дека „Интегративците“ ќе преговараат со СДСМ.

-Минатата недела во Собранието има едночасовна средба си Али Ахмети, на која ме информираше дека ќе почне преговори со СДСМ затоа што таа партија победила во македонскиот блок, иако јас му реков дека СДСМ не е победник во македонскиот блок и му посакав среќа, рече Мицкоски.

Мицкоски на Ахмети му рекол дека ВМРО-ДПМНЕ има 40 свои пратеници во Собранието додека СДСМ само 32 мандати на народни избраници кои се матични членови на владејачката партија.

-Ние ќе направиме коалиција врз основа на програма и не треба да ги оптоваруваме граѓаните со нашите фрустрации. Се водат разговори, бидете трпеливи. Кога ќе имаме нешто конкретно ќе ја информираме јавноста. Но, сега ќе почекаме да видиме што договориле СДСМ и ДУИ, рече Мицкоски.