Заев за електронско гласање и продолжување на саатницата на изборниот ден – од 7 до 22 часот

61

Електронското гласање на изборите, но и продолжување на часот за гласање на изборниот ден се добри за разгледување, доколку и опозицијата се согласи за таквиот начин на избори, порача вечерва лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју за Телма.

-Кога би можеле електронски да ги спроведеме изборите тоа би било одлично, но пред се треба опозицијата да се сложи со таков модел на гласање. Во земјите кои се гласа на ваков начин, прво се усогласува со закон, а опозицијата потврдува дека власта и државните органи кои ги спроиведуваат изборите тоа го направиле доволно безбедно, сигурно и фер за сите партиципиенти на изборите, истакна  Заев во интервју за Телма.

Тој рече дека се согласува и со идеата за продолжување на избирачкиот ден во однос на саатницата кога се гласа.

-Точно е дека на досегашните избори гласањето беше од 7 до 19 часот. Но имајќи в предвид дека сега збориме за избори во јуни, а тоа гледано календарски од 21 јуни е лето. Никој неможе да каже зошто не од 6 наместо од 7 часот и зошто не до 22 вечерта или до 21. Ако биде до 22 ќе имаме три часа навечер и еден наутро, што ќе се добијат четири часа простор на спроведување на гласачите, појасни лидерот на владејачката партија.

Во однос на гласањето во услови додека се уште има присутност на коронавирусот, Заев посочи дека нема многу суштински да се смени во гласањето бидејќи, како што рече, и до сега се внимавало на избирачкото место, без групирање и запазување на редот.

-На избирачкото место и во нормални околности, односно без ваква состојба како што е со коронавирусот, нас не не пуштаат да влеземе додека не излезат тие што гласаат или пак да се групираме по ходниците бидејќи можно е да се влијае врз гласачите. И овој пат тоа ќе биде така. Ќе се знае дистанца определена од 1,5 до два метра, колку што е според здравствената комисија, носење на маски итн. Се влегува се подава лична карта на дистанца, при легитимирањето ќе ја симнеме маската потоа ја враќаме маската и понатаму поминуваат стандарните дејствија. На влезот и на излезот дезинфицирање, а ако треба државата и да купи пенкала тоа ќе го направи, ќе купи еден милион и 800 илјади пенкала што од прилика чини 150.000 евра, рече Заев.

Тој нагласи дека покрај гласачите и избирачкиот одбор треба да биде заштитен и дека очекува за тоа да се изјасни Комисијата за здравство како би се спровело сето тоа.