Заев: Економско-инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан обезбедува соработка и долгорочно економско закрепнување на регионот

33

Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан го поддржува долгорочното економско закрепнување на регионот, истовремено поттикнувајќи регионална интеграција. Имплементацијата на Планот ќе ја стимулира економската активност, ќе ги зголеми инвестициите и на јавниот и на приватниот сектор, ќе ги зајакне конкурентноста и иновациите, особено на малите и средни компании, истакна премиерот Зоран Заев во своето обраќање на Самитот на земјите од Западен Балкан во Тирана.

На Самитот, со кој претседава премиерот на Албанија Еди Рама и на кој учествуваат еврокомесарот за проширување и добрососедство, Оливер Вархеји, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и премиерите на Косово Албин Курти, на Србија Ана Брнабиќ и на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, премиерот Заев рече дека Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан има силен потенцијал за поддршка на главните патни и железнички врски во регионот.

-Нашата волја е поттикнување на развојот на капацитетите со обновлива енергија и премин од јаглен кон обновливи енергенси, зголемување на енергетската ефикасност, намалување на емисиите на стакленички гасови и подобрување на инфраструктурата за управување со отпадни води. За време на овие предизвикувачки периоди, сите земји од регионот работат заедно во воспоставувањето на Заедничкиот регионален пазар, посочи Заев.

Тој додаде дека тоа е успешен модел за мотивација на регионот да започне нови регионални иницијативи насочени кон приближување на Западен Балкан до внатрешниот пазар на ЕУ.

Нагласи дека дигитализацијата има централна улога во модернизацијата на економиите, понатамошната интеграција на дигиталната економија на Западен Балкан кон единствениот дигитален пазар на ЕУ, правејќи го регионот попривлечна инвестициска област.