Заев: Груевизмот и лажниот патриотизам завршија, продолжуваме по вистинскиот пат

31

Заврши времето на национализмот што се уште го негува ВМРО-ДПМНЕ, заврши груевизмот, зад нас е, му ставивме точка. Заврши лажниот патриотизам. Живееме во 21 век, во ера на глобализација и дигитализација. Граѓаните ќе поддржат сериозна опција која гарантира европска иднина, ќе поддржат политичари кои носат храбри одлуки за доброто на сите, а ние покажавме дека патот по кој чекориме е вистинскиот и по него ќе продолжиме – правда, економија, екологија, спорт, единство, пријателство. Друг пат нема, друга алетрнатива нема, порача вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев од граѓанската трибина во Чаир.

Заев најави победа, но, како што истакна, посилна и од 2016 година. Секој граѓанин, напомена, може да направи споредба како му беше до 2017 година и како му е оттогаш наваму.

Осврнувајќи се на досега сработеното, тој потенцира дека земјава денес решава меѓународни прашања, има сојузници во сите пет соседни земји подготвени да помогнат во секое време, а целиот демократски свет е на наша страна.

Никој нема право да ги поништи договорите на пријатлество, подвлече Заев и го повика неговиот опозициски ривал Мицкоски јавно да каже за кое од клучните државнички прашања досега имал став.

-Ја разбирам нивната фрустрација. Немаа храброст за вистински одлуки, заедно да влеземе во НАТО, во ЕУ, да ја оправиме економијата. Мора да знаат дека падна едниот, сега ќе падне и другиот. Ќе падне режимот вмровски. Ќе ги победиме. Се разобличуваат како фасадите од стиропор и излегува нивното вистинско лице. Се обидоа со гнасна, валкана кампања, но им нема спас од Заев, ќе ме гледаат уште четири години. Компасот им е изгубен, а на шефот од Будимпешта му избега кормилото, рече лидерот на СДСМ.

Ќе победат, дополни, оние што носат одлуки без партиски калкулации.

-Ќе ги згазиме, повеќе од 100.000 гласови водиме. Ќе губите се додека негувате национлизам и лажен патриотизам, а ДУИ сега нов национализам ќе покажува. Тоа беше времето на Груевски, заврши, зад нас е. Сега е 21-ви век, време на дигитализација, а ние ќе се чукаме во градите кој е патриот. Патриот е тој што зголемува пензии и плати, што си подава рака, што гради единство, што го крева стандардот, што отвори 64.000 работни места и даде 300 отсто поголема социјална помош, згрижи 12.000 стечајци, тој што ги укина квотите за лекови и што за 40 отсто ја качи платата на лекарите, порача Заев.

Тој од Чаир упати порака и до младите – да не расмислуваат за надвор.

-Останете дома, јас ќе се борам, сите заедно ќе се бориме. Овде е предизвикот, овде ќе бидат реформите, овде ќе се европеизира државата, тука ќе се подигнуваат стандардите. Тоа е патриотизам. Се што направивме досега, секој ризик и храбра одлука беше за младите, за вас, за следните генерации. Ќе создадеме амбиент кој е веќе почнат, но тој амбиент ќе биде уште поуспешен за да ги вратиме и оние што заминаа, подвлЕЧе Заев.

Извор:МИА