Заев: Ги отворивме вратите кон ЕУ и НАТО, со обезбеден идентитет и со признат јазик

16

Нашиот народ денес е исправен, горд со кренато чело. Успеавме да докажеме дека политиките на пријателство и мостови на соработка беа поздравени од целиот демократски свет. И сега кога успеавме да ги решиме сите отворени прашања што ги имавме, ја исполнивме првата стратешка цел и станавме членка на НАТО. Ја исполнивме втората стратешка цел да добиеме одлука за почеток на преговорите. Сега имаме само пријатели насекаде. Сега имаме само помош од целиот свет. Можеме и повеќе и подобро. Сакам да бидете горди заради тоа што целата вистина е на повидок пред сите вас, истакна вечерва од Крива Паланка лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Тој нагласи дека денес со НАТО договорот сме гарантирани од 30 земји членки за нашата сигурност и безбедност.

– Безбедноста е загарантирана, територијалниот интегритет ни е загарантиран, суверенитетот ни е загарантиран. Денеска сме признаени од целиот свет, повеќе не сме ФИРОМ, ние сме Република Северна Македонија и нема друга држава Македонија во која живеат Македонци кои зборуваат македонски јазик!  Во преговарачката рамка пишува целото законодавство на ЕУ да се преведе на македонски јазик. Уште еднаш имаме афирмација и потврда и од ЕК и од сите земји членки на ЕУ тоа е првиот чекор на станување на македонскиот јазик официјален и службен јазик на ЕУ, потенцира Заев.

Сега, вели тој, ветуваме, минимална плата до крајот на следниот мандат 20.000 денари, просечна плата 34.000 денари, пензиите ќе се качуваат исто прогресивно како што ќе се качуваат и платите, и најниските пензии ќе се покачат за најмалку 21 посто.

Генералниот секретар на СДСМ и носител на листата во ИЕ 3 Љупчо Николовски вети за следниот период гасификација на Крива Паланка до секој дом и посочи дека ќе има зимски рекреативен центар на Калин Камен.

– Чесно искрено и одговорно денеска пред вас ја барам поддршката за оваа чесна понуда, за овие луѓе кои ќе се грижат за вас, кои немаат дамка позади. Ја барам поддршката на 15 јули да излеземе и од Крива Паланка да ја пратиме пораката дека овде победата ќе биде огромна, разликата ќе биде огромна, рече Николовски.

Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека ги избегнале многуте лоши сценарија во врска со коронавирусот.

– Навреме се престроивме, ги пратевме сите препораки на СЗО, навреме донесовме превентивни мерки, набавивме заштитна опрема, го зголемивме капациетот на Инфективната клиника за 70 проценти. Покажавме дека навреме може со ситем на ротација да ги замениме лекарите за да може да ги третираат сите пациенти. Тоа што го почнавме пред повеќе од две години, инвестиција во кадарот – лакарите и медицинските сестри, се покажа како главен мотив, ги зголемивме платите на здравствените работници за 40 проценти, нагласи Филипче од Крива Паланка.

Тој најави реновирање на најстарите одделенија, секоја болница и здравствен дом, како што рече, ќе биде енергетски ефикасна зграда.

– Ќе ја започнеме изградбата на клиничкиот центар, заслужуваат нашите граѓани да имаат модерна болница, каде ќе добијат европски здравствени услуги, се на едно место, да нема чекање, да нема шетање, за четири години првиот блок ќе биде готов, првите 300 кревети веќе ќе бидат во функција, заслужуваме да имаме модерна, светска болница, заклучи Филипче.