Заев: Во учебниците ќе се брише “бугарски”пред фашистички окупатор

1013

Дипломатска нота дека името на државава не означува територијални претензии, немешање во внатрешните работи околу малцинските права и бришење на придавката бугарски пред фашистички окупатор на спомениците и во учебниците се конкретните чекори што ги побарал бугарскиот државен врв, на средбите со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, за деблокада на македонскиот пат кон ЕУ, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања.

„Верувам дека сите овие месеци наназад градиме дополнителни пријателства, трговијата расте, имаме меѓусебни инвестиции во двете земји, соработката помеѓу институциите е сè повидлива, инфраструктурата помеѓу двете земји сè повеќе и повеќе се подобрува “ – изјави Заев.

Според него важно е и да се реагира во спречување на говорот на омраза, пред сè самите институции да водат грижа низ сите свои активности да градат пријателство, а не да провоцираат одредени непријателства, но и да дејствуваме со разговори, со апели, кога се работи за приватни субјекти.

Тој изрази подготвеност Бугарија да биде вториот партнер на државава, покрај Грција, којшто ќе се грижи за македонското небо.

Во однос на спомениците, македонскиот премиер рече дека тие треба да бидат во пријателски дух, посочувајќи дека фашизмот не смее да има етничка димензија.

„Кај одредени наши споменици веќе тоа е направено. Каде што стоело бугарски фашистички окупатор сега веќе е фашистички окупатор, затоа што не можете нација да обвините за тоа” – рече Заев.

Тој најави промени во одредени учебници и кај нас и во Бугарија за да бидат во духот на пријателството.

„Никаде во Европа не се спомнува името на нацијата, се спомнува фашистичкиот окупатор и во тој дух, во духот на пријателството, соработка и добрососедство нормално очекуваме тоа да се направи. Имаме препознаено одредени слабости и во бугарските учебници, спремни се исто така и од бугарската страна тоа да го направат“, истакна Заев.

(И.С.)