Заев: Верувам дека заедно со опозицијата консензуално ќе го донесеме новиот закон за Јавно обвинителство

52

Верувам дека заедно со опозицијата, со консензус ќе ја обезбедиме поддршката на новиот закон за Јавно обвинителство, изјави премиерот Зоран Заев за време на денешната посета во Пелагонискиот регион.

Според првиот човек на македонската Влада, новиот Закон за Јавно обвинителство ги содржи над 80 насто од предлозите на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и очекува договор за донесување на Законот.

– Новиот Закон за Јавно обвинителство ги содржи над 80 насто од предлозите на најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ. Во предлог решението има спојување на СЈО со Обвинителството за организиран криминал и тоа обезбедува иднина. Очекувам да се договориме, а пратениците да се изјаснат бидејќи деновите се одброени. За оваа работа разговараме скоро една година, а останаа само дваесеттина денови за разговори. Искрено верувам дека заедно со опозицијата, со консензус ќе ја обездиме поддршката на новиот Закон за Јавно обвинителство, изјави премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев испрати јавна порака до надлежните органи да најдат решение за избор на вршител на должност на СЈО и да не се дозволи нити еден предмет да биде загрозен.

– Сега, веднаш треба да се најде решение за вршител на должност на СЈО како времено решение, а потоа верувам дека сите политички партии можеме да најдеме консензуално решение и не подоцна од 15 септември за новиот закон за Јавно обвинителство. Работните групи продолжуваат со работа во понеделник и знам дека е премостливо тоа што треба да го решиме, секако почитувајќи ги „црвените линии”, а тоа е иднината на СЈО, Уставот, законите… се е решливо ако имаме одговорност во државава. Упатувам порака до правосудните органи да носат брзи одлуки бидејќи не смее да се дозволи не еден ден, туку ниту една секунда, кој било предмет да биде загрозен, затоа што правосудството работи со рокови и верувам дека нити еден процес нема да биде загрозен, нагласи премиерот Заев на денешната прес-конференција во атарот на селото Новаци во истоимената Општина.