Заев: Бугарија не бара промена на Уставот, можна е блокада за ЕУ

Заев останува на ставот дека нема потреба од лидерска средба во однос на прашањата со Софија. Смета дека со тоа само ќе се одмогне процесот на македонските евроинтеграции, а и го повтори неговиот став дека Мицкоски досега ниту имал став, ниту во нешто одговорно се втурнал за да помогне на историскиот исчекор на Македонија, ниту пак, како што рече, сега гледа дека тој ќе го помогне процесот. Заев уште еднаш предупреди дека постои можност Бугарија да не даде зелено светло и да не се одржи првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ во декември.

102

Бугарија не бара од Македонија промена на Уставот и решението не е преку потпишување на нов договор. Ние веќе имаме договор и треба да ги решаваме прашањата преку заедничките комисии, изјави премиерот Зоран Заев запрашан дали се размислува за нов договор меѓу Северна Македонија и Бугарија и дали Софија побарала промена на нашиот Устав.

-Договор ние веќе имаме. Тоа е Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Низ тој договор се решаваат историски поглавја што треба да бидат дел од нашето заедничко чествување низ кое ќе го градиме пријателството, а тоа е како дел од заедничката историја. Во договорот што е потпишан, потпишан е на македонски јазик и на бугарски јазик, се зборува за двата народа. Нашиот македонски јазик и македонски народ е впишан во ОН и признаен од целиот свет, заради тоа што сè уште има дилема во наративот од пријателска Бугарија „ние ја признаваме реалноста за постоењето на македонскиот јазик и македонскиот народ“. Очекувам исчекор и израз на огромно пријателство, тоа го чувствува бугарскиот народ спрема македонскиот народ, тоа го чувствува македонскиот народ спрема бугарскиот народ, очекувам јасен недвосмислен исказ за потврда на нашиот македонски јазик и македонски народ. Ниту има потреба, ниту држави признаваат идентитет, ниту држави се повикани да признаваат идентитет, рече Заев.

Заев најави дека во следниот период ќе продолжат разговорите на заедничката Комисија за историските прашања и ги охрабри да продолжат со засилена динамика. Тој истакна дека право и обврска на заедничката Комисија помеѓу Македонија и Бугарија е да ги решаваат историските поглавја и историските личности заради определбата во договорот преку нив заедно да чествуваме и го зголемуваме пријателството помеѓу двете земји.

-Ја поздравувам уште еднаш работата на Комисијата, инвентивноста и меѓусебното разбирање и верувам дека ќе се изнајдат решенија на прашањата како што е следното Гоце Делчев и сите следни што ќе ги отворат. За една година имаме решенија за пет историски личности, во три историски периоди и тоа само по себе е потврда дека продолжуваме и понатаму да ги решаваме прашањата, токму во духот на пријателството, соработката и негувањето на добрососедските односи помеѓу двете земји. Вториот дел е на одлуката на Бугарија, таа е земја членка на ЕУ и сите во декември, под раководство на германското претседателство, сите земји членки на ЕУ, треба да донесат одлука за првата меѓувладина конференција, оцени премиерот.

Заев рече дека верува оти Бугарија, која и досега била голем поддржувач за нашите евроатлантски интеграции, ќе продолжи и во иднина да биде најголем поддржувач, бидејќи, како што кажа, во сите свои изјави бугарската страна тоа го потврдува.

-Верувам дека тоа ќе се случи во декември, но ако не се случи, тогаш треба да се знае дека се барало од нашата страна нешто што ние никако ниту смееме да разговараме, ниту би сакале да прифатиме. Но да оставиме простор да се разговара од страна на комисиите, дециден е Заев.

Тој повтори дека идентитетот е чувство и право на определба и голема европска вредност.

-Очекувам бугарскиот народ преку сите свои претставници да има недвосмислено јасно потврдување на фактот на постоењето на македонскиот јазик и македонскиот народ затоа што пријателите, браќата тоа го прават. И не треба никојпат тоа да биде доведено во прашање. Впрочем, и како што слушам во изјавите и на Борисов и на другите дека тие ја прифаќаат реалноста за постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик и сакаат да дебатираат логично за историјата, за заедничкиот дел од историјата, за посебниот дел од историјата, но во духот на пријателството верувам дека ќе се изнаоѓаа решенија, повтори Заев.

Во однос на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за лидерска средба за барањата на Бугарија, Заев рече дека нема потреба од лидерска средба, додавајќи дека со тоа само ќе се одмогне процесот на македонските евроинтеграции.

-Навистина не гледам потреба за лидерска средба за нешто што е работа на комисиите. Во моментов ЕУ подготвува прва меѓувладина конференција каде што секоја од земјите има право да донесе одлука, солидарно и консензуално се носат одлуките. Првата меѓувладина конференција значи и официјален старт на преговорите и спроведување на одлуката од март на Европскиот совет за почеток на преговорите. Истовремено, како што знаете, јас го предупредив нашиот македонски народ и стојам на тоа предупредување дека постои можност и да не се одржи првата меѓувладина конференција. И сите знаеме зошто, заради тоа што можно е една земја пријател, сосед, брат да не даде позитивно светло, рече Заев.

Премиерот повтори дека Мицкоски досега ниту имал став, ниту во нешто одговорно се втурнал за да помогне на историскиот исчекор на нашата земја, ниту пак, како што рече, сега гледа нешто како потребно дека тој ќе го помогне тој процес.

-Процесот се води меѓу министерствата за надворешни работи, разговараат луѓето, тоа е институционално поставен процес и верувам дека ќе се изнајдат решенија. Можеме само да го одмогнеме процесот ако за вакви прашања свикуваме лидерски средби или за слични прашања заради тоа што тоа не е прашање за кое треба лидерите да се натегаат, да се минираат, да се пренемагаат сè со конечна цел да остане државата да тапка во место, уназадена и да не ги продолжува понатаму евроинтеграциските процеси, изјави вчера премиерот Заев.

По два дена разговори во Скопје македонските и бугарските историчари не постигнаа напредок во однос на Гоце Делчев, кој и понатаму останува пречка на сопнување. Има нови предлози и идеи за кои засега не се откриваат детали, но се најавува нова средба во Софија до крајот на годинава. Македонскиот премиер на почетокот на ноември заминува за Софија во рамки на македонско-бугарското копретседавање со Берлинскиот процес 2020, каде ќе има средба со неговиот бугарски колега Борисов, на која се очекува да се постигне одредено приближување на позициите.

Сè додека постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците!

Македонскиот јазик денес е признат во целиот свет и неговата посебност е впишана во личната карта на нашата држава, во големото семејство на народи и на земји членки на ОН. Како рамноправен со сите светски јазици, се користи слободно секаде низ целиот свет, рече премиерот Зоран Заев вчера во Институтот  „Крсте Мисирков“ на отворањето на меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања (дома и надвор)“.

– Јазикот сме сите ние. Сè дури постои македонскиот јазик, ќе постојат и Македонците. Сè дури постојат Македонците, ќе постои и македонскиот јазик. Тие две нешта не можат едно без друго, затоа што тие постоеле, постојат и ќе постојат во убавата и нераскинлива симбиоза. Тоа е јазикот на книжевниците кои оставаат печат на своето творештво, тоа е јазикот на кој се школувале генерации  успешни академици, доктори, инженери, новинари, културни работници и сите останати. Тоа е јазикот кој се изучувал на 30-ина универзитети низ целиот свет и денеска продолжува да се изучува. И конечно, тоа е и мојот јазик, јазикот на мојата мајка, учителка во пензија, која целиот свој работен век образуваше и воспитуваше огромен број ученици. Тоа е јазикот со кој живееме, со кој се сакаме и со кој споделуваме добро и зло, се радуваме и тагуваме, истакна Заев.

Тој потенцира дека Владата е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик. Јазикот е жива материја и наш приоритет останува, додаде премиерот, поттикнувањето на развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како постојан влог во нашиот национален и културен идентитет во иднина.

Мицкоски: Ќе ја поништиме одлуката Гоце Делчев да биде Бугарин од Македонија

Доколку навистина биде прифатено од страна на СДСМ и Заев дека Гоце Делчев во регионална смисла на зборот е Македонец, а како националност, односно нација е припадник на бугарската нација, тоа ќе значи целосно асимилирање на македонската нација, удар во темелите на македонската нација и современата македонската држава, дополнително понижување, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во одговор на прашања на граѓаните на Фејсбук.

 -Ова ќе биде апсолутно на негова одговорност, владина одлука која следната влада на ВМРО-ДПМНЕ, доколку ја предводам јас, веднаш таа одлука ќе ја поништи и нема никогаш понатаму да ја почитува истата, најави Мицкоски.